четврток, 31 декември 2009 г.

Најдобрите за 2009 (дел втори) – Medal of Honor #43

Продолжуваме со Новогодишното издание на „Медалите на честа“! Минатата недела започнавме со најдобрите ликови за 2009 година, а денеска, во предвечерието на новата деценија и новата 2010 година ќе ја заокружиме старата со довршувањето на листата на најдобри рандом работи кои се случија во Lost во изминативе 365 денови!

Пред официјално да го започнеме овој втор дел на најдобрите за 2009 би сакал само да Ви ја честитам новата година и да Ви посакам се’ најубаво во истата! Многу здравје, љубов, среќа и секако, пари… кои дефинитивно ќе ви бидат потребни во ова време на економска рецесија!
More...

Најдобра епизода за 2009 година
Фановите избраа: The Incident
Лостич избра: Dead is Dead

Финалето на петтата сезона започна брилијантно, но финишираше катастрофално. Да не се разбереме погрешно, јас не викам дека The Incident не е квалитетна епизода, но крајот за кој сценаристите се одлучија беше незадоволителен. А за тоа самите си се криви. Тие, на крајот на краиштата, беа оние кои ја наметнаа на прво место тактиката сите фанови на Lost да очекуваат нешто НЕОЧЕКУВАНО на крајот од секоја епизода… а такво нешто ова финале немаше. Поминавме цела проклета сезона со помислата дали е возможно да се смени минатото и некои 3-4 епизоди со дилемата дали истото би се случило со детонирањето на Jughead и на крајот ние моравме да се задоволиме со… па буквално со ништо, освен со истите прашања кои не мачеа во текот на тие пет месеци за време на прикажувањето на петтата сезона и кои и во моментов ни создаваат мачнини во стомакот! Ова е единствената причина поради која финалето на петтата сезона го сметам за најслабото после There’s No Place Like Home. Што се однесува пак до мојот избор (Dead is Dead), веројатно сите претпоставувате зошто се одлучив ТОКМУ за епизодава. Не само што во истава го видовме домот на Чудовиштето, туку ја добивме и првата трага дека Лок, можеби и не е Лок… Секако, тука беше и флешбекот на Бен преку кој дознавме како започнува ривалството со Видмор…

Најдобра „сетап“ епизода за 2009 година
Фановите избраа: Follow the Leader
Лостич избра: Follow the Leader!

Хм, јас искрено речено воопшто не чувствувам потреба за да си го објаснувам мојот избор во оваа лесна, да не речам прелесна категорија. Follow the Leader го имаше она нешто кое мора да го има секоја сетап епизода: возбуда на секој чекор, а притоа и солидно „наместување“ на патот по кој ќе „врви“ финалето, т.е. идната епизода. Шокирачкиот крај кога „Лок“ го открива својот план за да го убие Џејкот беше само шлаг на тортата. Не бадијала оваа епизода се’ уште има најголем рејтинг од сите претходни во изминативе две сезони…

Најдобар актер за 2009 година
Фановите избраа: Тери О’ Квин
Лостич избра: Мајкл Емерсон

Повторно битка помеѓу титаните! И повторно фановите и Лостич со контрадикторни мислења. Но, ако, поинтересно е кога имаме различни мислења. Ќе имаме повод за дискутирање!

Слично како и во категоријата за најдобар машки регуларен лик за оваа година во изминување, така и во оваа за најдобар актер, конкуренцијата беше преголема. Во петтата сезона покрај одамна докажаните Емерсон и Тери во добро светло се прикажаа и Џош Холовеј и Џереми Дејвис. Овие четири актери тотално ги засенија сите други кои беа дел од екипата за минатата сезона, иако, треба да се напомене дека и Метју Фокс заедно со Нестор Карбонел имаа свои моменти (посебно Фокси во шестата епизода!). Во секој случај, изборот на крајот повторно се сведе помеѓу двата „великана“, кои за „титулата“ на Изгубените оскари се бореа до самиот последен ден кога Тери О’ Квин успеа да направи комплетен пресврт. Своите актерски способности Тери ги потврди на маестрален начин оваа година, бидејќи на крајот сфативме дека постојано играл две различни улоги – во првиот дел од сезоната онаа на Лок, додека пак во вториот – онаа на противникот на Џејкоб. Сепак, победата на ЕМИ наградите во септември беше доволен мотив за Лостич да го одбере повторно Мајкл Емерсон за свој фаворит во оваа категорија.

Едно нешто е јасно – и двајцата (Емерсон и Квин) ја завршуваат титулата и на никој не треба да му биде жал што ќе ја делат!!!

Најдобра актерка за 2009 година
Фановите избраа: Елизабет Мишел и Еванџелин Лили
Лостич избра: гласот на народот (фановите де), моја заповед!

За разлика од минатата категорија, оваа е толку неинспиративна што појма немам што да напишам ниту за Елизабет Мишел, ниту пак за Еванџелин Лили. Според мене, и двете актерки се просечни, иако во петтата сезона Мишел беше далеку над просечноста на Лили, но истовремено далеку и од маестралноста на Мајкл Емерсон, или не дај Боже пак Тери О’ Квин. Навистина ми е жал што ќе го кажам ова, но на Изгубените дефинитивно им фалат добри и искусни актерки кои ќе успеат на лесен начин да ги освојат симпатиите кај публиката. Сегашната ситуација не оди на арно. Не познавам фан на кој му е гајле дали Кејт ќе умре и со кого ќе заврши. Истото важеше и за Џулиет се додека не се случи детонирањето на Jughead кое не дека го смени генерално мислење на публиката за неа, туку едноставно предизвика љубопитство помеѓу фановите што ќе се случи понатаму со неа.

Најдобра сцена за 2009 година
Фановите избраа: смртта на Фарадеј (The Variable)
Лостич избра: првата сцена од финалето (The Incident)


Уште една тешка категорија со која го затвораме специјалното издание на „Најдобрите за 2009“ и полека но сигурно, ги финишираме последните пасуси напишани оваа година на блогов! Погорните две сцени беа само мал дел од незаборавните мигови кои ни ги понудија сценаристите во 2009та. Несомнено, убиството на Даниел од сопствената мајка беше најшокирачкиот момент од сезоната пред финалето, но верувам дека ништо не може да се мери со изненадувањето кое се случи во воведните четири минути од The Incident кога одеднаш го видовме никој друг, туку САМИОТ ЏЕЈКОБ, рамо до рамо со неговиот (за нас нов, а за него стар) непријател. Покрај овие две сцени, мора да се спомне исто така и крајот на Follow the Leader со откритието на (ф)Лок дека ќе го убие Џејкоб, судењето на Бен од страна на Чудовиштето во Dead is Dead, „убиството“ на малиот Бен од Саид во He’s Our You, (пополни по свој избор тука)…

Тоа е тоа за оваа 2009 година. Се читаме повторно во 2010!
А, ако се прашувате за што ќе дискутираме во наредните помалку Новогодишни, а повеќе Божиќни специјални изданија на „Медалите на честа“, само да Ве потсетам дека денеска завршува оваа прва деценија од 21от век. Како овие две нешта се поврзани едно со друго, верувам дека сте доволно паметни за да сфатите. Па не бадијала сте фанови на Lost, зарем не?! :)

Им посакувам на сите најубава и најлуда вечер (ОК, не мора најлуда, ама нека биде убава важно).

Последен оводецениски* поздрав до сите!!!


*кованица од оваа + деценија :)

Загревање

…пред последниот ЕКСКЛУЗИВЕН Новогодишен пост вечерва со уште еден катастрофален трејлер изработен од страна на ABC. Овој е продолжение на четвртиот со новата песна на Sade – “Soldier of Love“. Како и во повеќето трејлери за последната сезона, така и овој се фокусира примарно на љубовниот четириаголник (триаголник, whatever…)

Пред неколку часа ABC издаде и уште еден трејлер, овојпат продолжение на првиот официјален teaser трејлер за шестата сезона прикажан уште в мај годинава кој е нешто подобар од претходниот (веројатно бидејќи не се фокусира на љубовниот четириаголник/триаголник/whatever), но сепак не е нешто посебен.

Не ми е јасно кој дебил ги прави трејлериве? Што се случи со инвентивноста од минатата година со сите оние неверојатни трејлери кои го подигаа расположението во рок од една секунда!?! Ех, по се изгледа најдобрата честитка од ABC до фановите на Lost иднава 2010 година ќе биде ако тие научат да направат барем еден добар трејлер…

Во другите вести:
Метју Фокс (Џек) ќе презентира една награда на Golden Globes!

Stay tuned!!!

Еванџелин Лили помеѓу 100-те најсекси жени во светот според FHM!

Среќен им распуст на сите школарци и работници!

94) Еванџелин Лили: Минијатурна, моќна и неописливо жешка, Еванџелин Лили признава дека другите девојки кои биле на аудиција за да ја глумат Кејт Остен во Lost веројатно сакале да ја убијат кога го виделе нејзиното CV. „Тие си мислеа, ’ние ја направивме сета оваа работа и оп тука си ти на аудицијата без никакво искуство,“ вели таа и додава дека е се’ уште вчудовидена како успеала да издржи толку многу години напорна работа на шоу како Изгубени и да ја изигра ТВ улогата на својот живот.

Ние мислиме дека прекрасната насмевка која ќе ве остави без зборови и тлеечкиот секси изглед можеби имаат нешто со тоа, но има и нешто повеќе од само *тоа* во Еванџелин Лили; таа е сјајна, паметна, има слободен дух и искуство со работење на мисионерски работи, а неодамна си ја испроба и среќата во манекенските води.

Извор: FHM

Инаку, на првите пет позиции на оваа листа се Кели Хејзел, Бритни Спирс (да, и јас се прашувам како е возможно патолошка сечачка на коса да биде меѓу првите пет, да не речам четири!), Џезика Алба, Меган Фокс (мојата фаворитка) и на самото прво место: Шерил Кол!

Jessica Alba - 3rdCheryl Cole - 1stМеgan Fox - 2nd
Дали се согласувате со изборот, и дали мислите дека Лили заслужува подобро место?!?

среда, 30 декември 2009 г.

Две траги за шестата сезона во еден од постерите

Во подолниот постер, кој е еден од петнаесетте изработени од креаторот на забавната страница наменета специјално за еден вид на интернет-маркетинг за последната сезона од Lost – Damon Carlton and a Polar Bear продуцентите изјавиле дека се достапни две траги (hint-а) за некакви следни настани!

Едната од трагите претпоставувам дека е ankh-от кој го држи Харли, со кој можеби Дарлтон сакаат да помислиме дека и тој е на некој начин специјален, слично како и Лок..??

Имате ли Вие свои некакви претпоставки?

П.С. Постеров е стар околу две недели, но заборавив да го ставам претходно на блогов. :)
П.П.С. Кој постер ви е најомилен од сите? Мене оној погорниот, заедно сосе овој. Сите постери се достапни на следниов линк.

понеделник, 28 декември 2009 г.

How I Met Your Mother vs. Lost

Гледајќи ги последните неколку епизоди од првиот дел на петтата сезона на "How I Met Your Mother" забележав доста сличности кои се можеби и намерни, помеѓу одредени цитати од разговорот кој го водат Тед, Маршал и Робин (во горенаведената комедија) со неколку настани кои ја одбележаа петтата сезона на Изгубени.

Инспириран од ова, дури направив и видео со кое можете да ги увидите сличностите кои јас сум целосно сигурен дека постојат со намера!

Што мислите, дали е до мене, или сценаристите на „Како ја запознав мајка ви“ се навистина фанови на Lost!?? :)

П.С. Клипов го бев поставил прво на Јутуб, ама ми го тргнаа за нецели 5 минути заради copyright infringement… my ass!

недела, 27 декември 2009 г.

Најдобрите за 2009 (дел први) – Medal of Honor #42

Како што бев ветил, во наредниве две недели на блогов ќе имате можност да го прочитате мојот избор на најдобрите за речиси изминатава 2009 година (да, и јас се прашувам како е можно толку брзо да помине цела година!?). Ова е втора година по ред како правам своја листа на најдобри остварувања во Лостосферата, а инспирацијата повторно ја пронаоѓам во истите случувања со кои сме опкружени во последниве денови од деценијата во изминување: одбројувања, одбројувања и само одбројувања, насекаде и во било кое време! А, сега, најпосле и на блогов!

Започнуваме со најдобрите ликови од петтата сезона…


Најдобар регуларен машки лик за 2009 година
Фановите избраа: Џон Лок
Лостич избра: Бен Линус

Lost е серија во која машките ликови особено се истакнуваат, и поприлично ги засенуваат ликовите од понежниот пол. Токму затоа, оваа категорија за најдобар машки лик отсекогаш била еден од омилените предмети за дискусија помеѓу фановите. Во една изедначена битка, летово, Лок успеа да го освои Изгубениот Оскар токму во оваа конкуренција, со 2 гласа повеќе од Дезмонд, кој и покрај тоа што речиси и да не го видовме во петтата сезона докажа дека се’ уште фановите не го заборавиле. Несомнено е дека Џон е миленик на аудиториумот уште од првата сезона, но она што според мене него го оддалечува од маестралноста на ликот на Бен Линус во последниве 2 сезони е тоа што повеќе не сме ни сигурни каков ентитет е самиот Лок, ако воопшто и стануваше збор за Лок во последните епизоди од петтата сезона. И тоа, но и фактот дека во последните две сезони Бен беше, барем според мене далеку поинтересен лик во секој поглед од Џон. Е, сега, не сум баш сигурен како откритието од финалето на петтата сезона ќе се одрази на Лок. Во секој случај, потајно верувам дека истото ќе помогне најпосле тој да се врати на тронот…

Најдобар регуларен женски лик за 2009
Фановите избраа: Кејт Остен
Лостич избра: Џулиет Бурк

Како што наведов погоре, женските ликови се во голема мера засенети од страна на машките во Изгубени. Доказ за тоа се и резултатите од анкетата за најдобар лик во серијата, каде што, најдобриот женски лик, Кејт, доби цели три гласа! И покрај тоа што категоријава најдобро би била да остане без никаков победник, сепак, за да не испаднам машка дискриминирачка свиња, се одлучив да не ја изигнорирам.

That being said, не се согласувам со мнозинството (ако така можат да се наречат трите фанови кои гласале за Кејт) кое гласало за Кејт како најдобар (женски) лик. Зошто? Поради две прости причини:
- откако го дознавме нејзиното минато, поточно, зошто била гонета од самиот маршал, сценаристите перверзно започнаа да го искористуваат овој лик на начин со кој ги привлекуваа само фановите на досадните серии наречени сапуници, епитет со кој серија како Lost не смее да си дозволи да биде поврзувана.
- како причинско-последична појава по оваа катастрофална одлука на сценаристите, на добар дел од фановите на серијата им здосади константното предомислување на Кејт во однос на тоа кој навистина го сака – дали Џек или Соер?!

Тоа се моите контра аргументи во однос на Кејт. Што се однесува до Џулиет, единственото нешто поради кое ја ставам на тронот помеѓу женските ликови е освежувањето кое го донесе во петтата сезона со размрдувањето на ликот на Соер, кој откако влезе во врска со неа, се препороди… А, и да, мора да се признае дека имавме и неколку шокантни откритија поврзани со неа. (како на пример, тоа дека со нејзина помош Итан дојде на овој свет…)

Најдобар нов лик за 2009Пјер Ченг

Ајде да бидеме искрени. Сите останавме запрепастени кога во првата сцена од петтата сезона го видовме типот од ориентационите видеа на DHARMA во акција, а згора на тоа во близина на никој друг туку Даниел Фарадеј! Иако генерално земено тој и не одигра некоја преголема улога во петтата сезона, конкуренцијата и во оваа категорија сезонава беше толку слаба што воопшто не се ни двоумев на кого треба да му припадне. И патем, добар удел во мојава одлука одигра и крајот на "Some Like it Hoth", со емоционалниот крај кога Пјер го успиваше своето дете, додека од надвор истото дете, во некоја триесет годишна постара верзија со солзи во очите го следеше призорот… И уште нешто – конечно му го откривме вистинското име!!! :)

Ликови кои заслужуваат да бидат спомнати: Илана и Радзински.

Најдобар мистериозен лик
- Човекот во црно

Заедно со првата категорија за вечерва, оваа беше најтешката за одлучување! Шлагот на тортата, како и во секоја, па така и во оваа сезона од Изгубени следуваше на самиот крај, во финалето кога сосема неочекувано се запознавме со ликовите на одамна прочуениот и фамозен Џејкоб, но и со неговиот непријател, кого фановите знаат понекогаш да го наречат и Човекот во црно, или евентуално Есау. Иако верувам дека повеќето нема да се согласат со мојот избор во оваа категорија, сепак ќе си останам цврсто на мојот став од една едноставна причина. Никој, апсолутно никој не си ни замислуваше дека во LOST ќе се појави уште една семоќна (дали???) сила, покрај Џејкоб. Шокот беше уште поголем кога дознавме дека истиот тој непријател на Џејкоб е вгнезден во телото на Лок. Одлична подлога за нов лик. Сега уште останува да видиме дали сценаристите ќе ја искористат како што треба истата!

Сосема непотребно е да напоменувам дека на второ место се наоѓа Џејкоб, зарем не…? ;)

Најдобар умрен лик за 2009
Фановите избраа: Даниел Фарадеј
Лостич избра: Даниел Фарадеј!

И најпосле ставовите на фановите да се совпаднат со моите! Воопшто не постои сомнеж во поглед на оваа категорија. Фарадеј одигра можеби најважна улога во првиот дел од петтата сезона од сите други ликови, а неговите идеи со ресетирање на сите претходни настани преку детонирање на Jughead беа причинители за оној последен cliffhanger од петтата сезона за кој и ден-денеска се водат лавовски дебати околу тоа што ќе се случи понатаму, т.е. дали неговата претпоставка ќе биде успешна, или не.

RIP Daniel Faraday (1978 – 1977)

Сагата наречена „Најдобрите за 2009“ продолжува повторно во предвечерието на новата година, на 31ви декември! Останете на блогов!!!

За дискусија: откријте ни ги Вашите мислења (фаворити) во петте погорни категории

среда, 9 септември 2009 г.

Порно?

Па добро, не баш порно, но близу е до такво нешто!

Верувале или не, нашата омилена Ката, Кејт, Кејти, Еванџелин Лили, Еви или како и да си ја викате, пред девет години снимила реклама за телевизија во Канада на која што рекламирала секс-разговори, или поточно речено, ги рекламирала добропознатите жешки линии!

Дали си помисливте дека главната хероина е единствената која има со што да се засрами кога ќе се потсети на своето некогашно врвно кариерно достигнување? Ако одговорот е да, тогаш време е да ве демантирам. Еве, на пример, со што може да се пофали протагонистот Џек (Метју Фокс).

Оволку прекрасно изработен филм, со вакво атрактивно сценарио одамна не сум видел. А, да, и одјавната шпица е исто така прилично оригинална!!! :)

Сигурен сум дека поголемиот број од машката публика на блогов е запознаена со лезбејската сцена на Анџелина Џоли во филмот "Gia". Меѓутоа, колкумина од Вас имаа сознание дека во истата таа сцена, девојката со која Џоли се бакнува и води љубов е Елизабет Мишел (Џулиет), не би знаел да кажам. Веројатно многу мал број. Како и да е, очигледно е дека и Мишел има со што да си се „пофали“.


И како за крај - шлаг на тортата. Ако сте спремни да го видите Џин (Даниел Дае Ким) со вагина на лицето, не се ни двоумете да кликнете на PLAY!


За повеќе вакви видеа со актерите од Lost кликнете на следниов линк. Постов е доказ дека ништо на светов не е перфектно. Па дури ни нашите омилени изгубени ѕвезди! :)

вторник, 8 септември 2009 г.

Симболика?

Поубав роденденски подарок за Македонија од денешната победа на нашите кошаркари врз Израел, не постои! Нека ни е честито (најверојатното) влегување во втората рунда и секако, честит 8ми септември до сите Македонци кои ме посетуваат. Ех да можев да го позајмам полнолетството! ;)

За денеска навистина и нема некакви новости од Лостосферата. Единствено со што би можел некој од Вас да израдувам е податокот дека БАШ на овој ден конечно стартуваше DarkUFO купот на ликови за 2009 година. Дали постои симболика во ова, или не, сигурно дека крајот ќе покаже.

Инаку, сигурен сум дека повеќето знаете дека Лостич ќе доделува награди за трите најдобрите изгубени „коцкари“ на овој куп, исто како што ќе има награди и за највидовитите кои се пријавени за Lost фантази лигата за која ве известив уште пред два месеци. Штета што многумина кои ме посетуваат не сакаа да си дадат шанса за можна награда, но што е тоа е...сепак, се потрудив, и се надевам направив се’ што беше во мој посед! :)

Како и да е, за кого гласавте во денешните мечеви?

  1. Кејт против Човекот во црно
  2. Фарадеј против Карл
  3. Русо против Френк
  4. Чарли против Џин

Болдираните се оние кои јас ги избрав. Во моментoв сум се’ уште во шок што Кејт едвај води со само педесетина гласа разлика во однос на непријателот на Џејкоб...

Од денеска па натаму сета дискусија во врска со купов ќе се одвива на оваа тема на форумот. Поканети сте сите за да се придружите во забавата!

понеделник, 7 септември 2009 г.

Lost: Mysteries of the Universe (part 3/5)

Конечно ни пристигна и третиот дел од сагата наречена „Мистериите на Универзумот“. Претходните два дела се достапни на следниве линкови: 1; 2.

Некаде до декември би требало да ги добиеме и последните два дела. Целосната „емисија“ ќе биде достапна само на DVD изданието од петтата сезона на Изгубени.


Што се збори во ова видео?
- Спомната е црквата во Лос Анџелес, онаа во која лани Госпоѓа Хокинг раководеше со операцијата за враќање на Изгубените повторно на Островот... Според ова видео, DHARMA Иницијативата донирала цели 1.5 милиони долари во црквата.
- Се спомнува дека организацијата била вмешана во нелегални бизниси, а исто така спикерот имплицира оти подморницата била купена некаде по завршувањето на втората светска војна, на црниот пазар.
- Интервјуиран е чуден, црн човек, кој многу личи на Метју Абадон, но се’ уште не се знае со сигурност за кој станува збор. Пред да донесете избрзани заклучоци, видеово е „направено“ во 1980тите години, така што постојат реални сомнежии дека навистина се работи за него.

Како и да е, мистериозниот човек ни открива дека бил работник во болницата во Лос Анџелес (веројатно истата во која работеше и Џек) и дека еден ден бил контактиран од страна на луѓе од DHARMA. Тие го интервјуирале за работа, при што му поставувале секаков вид на прашања: што работи, каде живее, колкава му е платата и слично. Најпосле започнале да ја применуваат на него фиктивната „Лудовиго техника“, која претставува аверзиска терапија која успевала само со помош на разни наркотици и со која се лечело насилното и социопатско однесување на одредена група на луѓе.

Истата била претставена за првпат во новелата "A Clockwork Orange". Пациентите биле дрогирани и подоцна натерани да гледаат слики на кои е присутно насилство. Идејата била, подоцна, ако започнат да прават или да сведочат на вакви акти во вистинскиот живот, да немаат можност да продолжат со такво нешто.

Веројатно ова претставува референца до Собата 23 каде што на Карл му беше испран мозокот???

Тоа е тоа. Третиов дел навистина не беше ништо посебно, но ако ништо барем ни донесе каква-таква новина!

Кои серии ќе бидат ИЗГУБЕНИ есенва?

Am I Alive?Темата на денешниот пост е многу слична на една тема од минатата година, кога постирав каде актерите на Lost глумат кога не се во Хаваи, односно кога се’ уште не е започнато снимањето на Изгубени.

Разликата помеѓу денешната и тогашната тема е што во оваа ќе бидат проследени појавувањата на поранешните (а можеби и сегашни) актери во серии, а не во филмови! Еве ги шоуата кои ќе бидат парцијално изгубени почнувајќи од оваа есен.

1. "FlashForward" (Флеш во иднината) - Соња Вогер, Пени и Доминик Монањан, Чарли
- Веројатно најизгубеното ново шоу за оваа 2009/10 сезона ќе биде FlashForward. Дури двајца екс-актери од Lost ќе ги гледаме во премиерната сезона на серијата која според мене најмногу ветува од годинешните нови проекти на водечките четири телевизии во САД.

Кратка содржина: серијата го обработува хаосот кој произлегува откако целиот свет ќе падне во кома за 2 минути и 17 секунди во која сите ќе видат визија од иднината. Flash Forward ги обработува сите настани кои му се случуваат на новиот ФБИ агент - Марк Банфорд (улогата ја игра актерот Жозеф Фиен), кој се обидува да си го среди својот живот и брак. Базирана е според новелата на Роберт Џ. Соер.
Канал: ABC
Премиера: четврток, 24. септември, 20:00
Жанр: научна-фантастика, драма

2. "V (The Visitors)" (Посетителите) - Елизабет Мишел, Џулиет
- Втората серија која многумина од изгубените фановите уште сега нетрпеливо ја очекуваат е "V". Причина: старата добра Џулс ќе ја гледаме во главна улога!!! Инаку, за оние кои не знаат, ова ќе биде римејк на оригиналната "V" од 1984 година.

Кратка содржина: огромни вселенски бродови се појавуваат насекаде низ главните градови во светот. Вонземјаните „Посетители“ тврдат дека се дојдени без никакви задни намери. Како што многу луѓе започнуваат да се сомневаат во искреноста на Посетителите, агентот на Националната Безбедност, Ерика Еванс (Елизабет Мишел) открива дека вонземјаните поминале многу декади на Земјата инфилтрирајќи владини луѓе и бизнисмени и дека сега истите се во завршната фаза од нивниот план за завземање на планетата Земја.
Канал: ABC
Премиера: вторник, 3. ноември, 20:00
Жанр: научна-фантастика, драма

3. "The Vampire Diaries" (Вампирски дневници) - Иан Сомерхалдер, Бун
- „Дневникот на вампирите“ ќе биде најкрвавата изгубена серија за оваа нова сезона. Една од трите главни улоги ќе ја игра Иан Сомерхалдер, актерот кој во Изгубени го глумеше ликот на миленикот на публиката, Бун...

Кратка содржина: приказната во серијата се одвива околу Елена Гилберт, млада хероина која ја буди страста кај двајцата браќа-вампири - едниот добар, а другиот лош - кои се во војна за нејзината душа и за душата на нејзините пријатели, роднини и сите жители на малото градче Mystic Falls, во Вирџинија.
Канал: The CW
Премиера: четврток, 10. септември, 20:00
Жанр: тинејџерска драма, хорор, фантазија

4. "Fringe" (Реса) - Џ.Џ. Абрамс, креатор и режисер на пилотот од Lost и Ленс Редик, Метју Абадон
- Иако ова не е ново шоу, сепак е вредно за спомнување од проста причина што креатор на истото е Џ.Џ. Абрамс - човекот кој исто така ја креираше серијата на кој е посветен овој блог! За Fringe дискутиравме и минатата година, но велат дека секоја реклама е добредојдена, па зошто да не... ;)

Кратка содржина: серијата го следи експлоатираните животи на специјалниот агент од FBI, Олиција Данам, лудиот научник Волтер Бишоп, и неговиот син „сезнајко“ Питер Бишоп кои заедно истражуваат аспекти на квази-науката (ретки заболувања, телепортации, физички моќи и слични работи...)
Канал: Fox
Премиера: четврток, 17. септември, 21:00
Жанр: научна-фантастика

5. "Monk" (Господин Монк) - Адевале Акинује Агбаје, Господин Еко
- И како за крај е оставено најнеизгубеното, но сепак ИЗГУБЕНО шоу од новата сезона. Пред речиси еден месец во една епизода од Монк го видовме ААА, кој во Lost го портретираше ликот на господинот Еко...

Канал: USA Network (NBC)
Жанр: детективска серија, драмедија (комедија + драма),

Тоа беа топ пет изгубените серии од новата сезона. Кои од овие ќе ги гледате? Кои ги очекувате со нетрпение?!

Јас лично едвај чекам да ги видам премиерите на V и FlashForward, а исто така одлучив да ја симнам и првата епизода од The Vampire Diaries чисто колку да видам дали ќе ме привлече серијата. Секако, ќе продолжам да си ја следам и Fringe... Всушност, јас по се изгледа ќе ги следам сите изгубени шоуа, освен Монк, кој и онака е поставен на листава само за да изгледа подолга (признавам де!) :)

Поздрав до сите...

вторник, 7 јули 2009 г.

Вистинската приказна за почетоците


Еве еден дел од интервјуто на AXN со Карлтон Кјус, во кое тој објаснува какви биле почетоците на Изгубени...мислам дека ова ќе им се допадне и на оние кои им веруваат на продуцентите кога ќе кажат дека ја имаат испланирано целата серија - но и на оние кои се скептици...

Карлтон Кјус:- „Нештото кое ја направи LOST толку многу популарна серија е всушност фактот што никој не ни мислеше дека серијата ќе биде успешна. Кога за првпат шоуто започна да се снима, идејата произлезе од директорот на ABC мрежата во Лос Анџелес. Тој сакаше да направи некаков вид на серија како шоуто „Преживеан“, но со вистинско сценарио, па затоа тој најми некои сценаристи за да го направат тоа -- и тој всушност -- тој знаеше дека ќе ја изгуби работата, но сепак инвестираше многу пари за да ја создаде Пилот-епизодата.

И потоа, тој навистина беше отпуштен, по што ABC имаа еден многу скап пилот во своите фиоки -- за кој мислеа дека е доста добар, но не сметаа дека проектот понатаму ќе биде успешен како серија.

Па мојот деловен партнер, Демон Линделоф, и јас, ние кои всушност и го создаваме шоуто, само сакавме да направиме дванаесет епизоди од Изгубени и тоа беше тоа. Така одлучивме да дадеме се’ од себе и да ги направиме дванаесетте најдобри епизоди кои би можеле да ни текнат на нас -- и впрочем, тоа беше целиот наш договор.

За време на пишувањето на епизодите, ние ги прекршивме општопризнатите закони на телевизијата, особено на Американските телевизиски шоуа. Имавме огромна екипа. Нормалната екипа во Американските телевизиски шоуа може да вклучува 6, 7 или 8 актери. А ние, ние имавме цели 15 регуларни! Имавме многу комплексно сиже. Намерно направивме двосмислени приказни поради кои аудиториумот мораше да одреди кое е значењето на одредена сцена. И исто така го направивме шоуто тешко за следење; моравте да го следите константно и длабочински за да го сфатите. Дававме многу вметнати патокази (clues) за настаните кои ќе следат. Покрај ова, имавме многу главни ликови кои биле лоши луѓе, како на пример убијци - и ниедна од овие работи кои ги кажав не би требало да бидат работи кои се обработуваат во некоја серија!

На некој начин ние направивме своја верзија на едно Британско шоу направено во 60тите години на минатиот век, наречено "The Prisoner", кое имало 18 епизоди и потоа завршило, но луѓето сеуште го памтеле и по неговиот крај, па ние си рековме:-„Ќе ги направиме најдобрите 12 епизоди кои никој никогаш нема да може да ги повтори -- и ова ќе биде најдоброто дванаесет-епизодно шоу на сите времиња.“

И по сите овие случки, беше прикажан Пилотот. А кога првите рејтинзи пристигнаа, нормално дека тоа беше како да сме освоиле лотарија. Сеуште се сеќавам кога Демон, мојот колега, влезе во мојата канцеларија држејќи го листот со рејтинзи и со фаца која велеше „О, Боже, ќе мора да продолжиме да го правиме ова!“ (се кикоти)

Токму во тој миг седнавме заедно и започнавме со обидите да ја разбереме сета таа митологија во шоуто. Токму во тој миг сфативме оти нема да бидат 12 епизоди, туку барем 100, и токму тогаш започнавме навистина да го планираме заплетот и планот според кој приказната ќе оди. Тоа беше моментот кога ја измисливме и вклопивме во една целина митологијата на LOST.“

...митологијата која наскоро и на нас ќе ни биде позната!!!


Целосното интервју е достапно овде.

П.С. Не знам за вас, ама се надевам дека и во иднина некој ќе се осмели да направи шоу како Изгубени!!! Иако, чисто се сомневам дека такво нешто ќе се случи.

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)