Продолжуваме со Новогодишното издание на „Медалите на честа“! Минатата недела започнавме со најдобрите ликови за 2009 година, а денеска, во предвечерието на новата деценија и новата 2010 година ќе ја заокружиме старата со довршувањето на листата на најдобри рандом работи кои се случија во Lost во изминативе 365 денови!
Пред официјално да го започнеме овој втор дел на најдобрите за 2009 би сакал само да Ви ја честитам новата година и да Ви посакам се’ најубаво во истата! Многу здравје, љубов, среќа и секако, пари… кои дефинитивно ќе ви бидат потребни во ова време на економска рецесија! 
More...
Најдобра епизода за 2009 година
Фановите избраа: The Incident
Лостич избра: Dead is Dead![]()
Финалето на петтата сезона започна брилијантно, но финишираше катастрофално. Да не се разбереме погрешно, јас не викам дека The Incident не е квалитетна епизода, но крајот за кој сценаристите се одлучија беше незадоволителен. А за тоа самите си се криви. Тие, на крајот на краиштата, беа оние кои ја наметнаа на прво место тактиката сите фанови на Lost да очекуваат нешто НЕОЧЕКУВАНО на крајот од секоја епизода… а такво нешто ова финале немаше. Поминавме цела проклета сезона со помислата дали е возможно да се смени минатото и некои 3-4 епизоди со дилемата дали истото би се случило со детонирањето на Jughead и на крајот ние моравме да се задоволиме со… па буквално со ништо, освен со истите прашања кои не мачеа во текот на тие пет месеци за време на прикажувањето на петтата сезона и кои и во моментов ни создаваат мачнини во стомакот! Ова е единствената причина поради која финалето на петтата сезона го сметам за најслабото после There’s No Place Like Home. Што се однесува пак до мојот избор (Dead is Dead), веројатно сите претпоставувате зошто се одлучив ТОКМУ за епизодава. Не само што во истава го видовме домот на Чудовиштето, туку ја добивме и првата трага дека Лок, можеби и не е Лок… Секако, тука беше и флешбекот на Бен преку кој дознавме како започнува ривалството со Видмор…
Најдобра „сетап“ епизода за 2009 година
Фановите избраа: Follow the Leader
Лостич избра: Follow the Leader!![]()
Хм, јас искрено речено воопшто не чувствувам потреба за да си го објаснувам мојот избор во оваа лесна, да не речам прелесна категорија. Follow the Leader го имаше она нешто кое мора да го има секоја сетап епизода: возбуда на секој чекор, а притоа и солидно „наместување“ на патот по кој ќе „врви“ финалето, т.е. идната епизода. Шокирачкиот крај кога „Лок“ го открива својот план за да го убие Џејкот беше само шлаг на тортата. Не бадијала оваа епизода се’ уште има најголем рејтинг од сите претходни во изминативе две сезони…
Најдобар актер за 2009 година
Фановите избраа: Тери О’ Квин
Лостич избра: Мајкл Емерсон
Повторно битка помеѓу титаните! И повторно фановите и Лостич со контрадикторни мислења. Но, ако, поинтересно е кога имаме различни мислења. Ќе имаме повод за дискутирање!
Слично како и во категоријата за најдобар машки регуларен лик за оваа година во изминување, така и во оваа за најдобар актер, конкуренцијата беше преголема. Во петтата сезона покрај одамна докажаните Емерсон и Тери во добро светло се прикажаа и Џош Холовеј и Џереми Дејвис. Овие четири актери тотално ги засенија сите други кои беа дел од екипата за минатата сезона, иако, треба да се напомене дека и Метју Фокс заедно со Нестор Карбонел имаа свои моменти (посебно Фокси во шестата епизода!). Во секој случај, изборот на крајот повторно се сведе помеѓу двата „великана“, кои за „титулата“ на Изгубените оскари се бореа до самиот последен ден кога Тери О’ Квин успеа да направи комплетен пресврт. Своите актерски способности Тери ги потврди на маестрален начин оваа година, бидејќи на крајот сфативме дека постојано играл две различни улоги – во првиот дел од сезоната онаа на Лок, додека пак во вториот – онаа на противникот на Џејкоб. Сепак, победата на ЕМИ наградите во септември беше доволен мотив за Лостич да го одбере повторно Мајкл Емерсон за свој фаворит во оваа категорија.
Едно нешто е јасно – и двајцата (Емерсон и Квин) ја завршуваат титулата и на никој не треба да му биде жал што ќе ја делат!!!
Најдобра актерка за 2009 година
Фановите избраа: Елизабет Мишел и Еванџелин Лили
Лостич избра: гласот на народот (фановите де), моја заповед!![]()
За разлика од минатата категорија, оваа е толку неинспиративна што појма немам што да напишам ниту за Елизабет Мишел, ниту пак за Еванџелин Лили. Според мене, и двете актерки се просечни, иако во петтата сезона Мишел беше далеку над просечноста на Лили, но истовремено далеку и од маестралноста на Мајкл Емерсон, или не дај Боже пак Тери О’ Квин. Навистина ми е жал што ќе го кажам ова, но на Изгубените дефинитивно им фалат добри и искусни актерки кои ќе успеат на лесен начин да ги освојат симпатиите кај публиката. Сегашната ситуација не оди на арно. Не познавам фан на кој му е гајле дали Кејт ќе умре и со кого ќе заврши. Истото важеше и за Џулиет се додека не се случи детонирањето на Jughead кое не дека го смени генерално мислење на публиката за неа, туку едноставно предизвика љубопитство помеѓу фановите што ќе се случи понатаму со неа.
Најдобра сцена за 2009 година
Фановите избраа: смртта на Фарадеј (The Variable)
Лостич избра: првата сцена од финалето (The Incident)
Уште една тешка категорија со која го затвораме специјалното издание на „Најдобрите за 2009“ и полека но сигурно, ги финишираме последните пасуси напишани оваа година на блогов! Погорните две сцени беа само мал дел од незаборавните мигови кои ни ги понудија сценаристите во 2009та. Несомнено, убиството на Даниел од сопствената мајка беше најшокирачкиот момент од сезоната пред финалето, но верувам дека ништо не може да се мери со изненадувањето кое се случи во воведните четири минути од The Incident кога одеднаш го видовме никој друг, туку САМИОТ ЏЕЈКОБ, рамо до рамо со неговиот (за нас нов, а за него стар) непријател. Покрај овие две сцени, мора да се спомне исто така и крајот на Follow the Leader со откритието на (ф)Лок дека ќе го убие Џејкоб, судењето на Бен од страна на Чудовиштето во Dead is Dead, „убиството“ на малиот Бен од Саид во He’s Our You, (пополни по свој избор тука)…
Тоа е тоа за оваа 2009 година. Се читаме повторно во 2010!
А, ако се прашувате за што ќе дискутираме во наредните помалку Новогодишни, а повеќе Божиќни специјални изданија на „Медалите на честа“, само да Ве потсетам дека денеска завршува оваа прва деценија од 21от век. Како овие две нешта се поврзани едно со друго, верувам дека сте доволно паметни за да сфатите. Па не бадијала сте фанови на Lost, зарем не?! ![]()
![]()
Им посакувам на сите најубава и најлуда вечер (ОК, не мора најлуда, ама нека биде убава важно).
Последен оводецениски* поздрав до сите!!!
*кованица од оваа + деценија








