More...
Ниедна епизода претходно, со исклучок на извонредниот втор дел на Пилот-епизодата (и она неповторливо “Guys, where are we?!”), ме нема на ист начин погодено уште на прво гледање како што тоа беше случајот со Happily Ever After.

Во текот на целиот ден по гледањето на новава епизода бев под толку силни импресии што чувствував благи морници на самата помисла за Lost. Навистина, оние кои не ја следат серијава, или евентуално не се толку многу „заразени“ со истата, ќе си помислат дека сум будала (и не е дека ќе бидат далеку од вистината!), но за тоа баш и не ми е гајле премногу. Од друга страна, благодарен сум им на сценаристите што ми овозможија преку Изгубени да ја почувствувам „спектакуларната“ љубов за која се изнаслушавме во последната епизода. Ах, Дезмонд и Пени! Ќе ми фалите многу по завршувањето на серијава!!!
За несреќа, од досегашното мое искуство на овој свет, не верувам дека таква љубов постои надвор од телевизиските екрани… човештвото е толку оцрнето, што понекогаш дури се запрашувам дали Островот е реална приказна која Линделоф ја дознал од својот дедо, па сега ни ја пренесува на нам, со тоа што на крајот секако дека Флок си ја добил битката и успеал да го завладее светот.
Во секој случај, останува едно нешто како факт: завчера продуцентите ни подарија уште една незаборавна LOST класика. Со ова, шестата сезона сериозно започнува да навлегува во конкуренција за епитетот „најдобра“ сезона досега, барем според мене. Сега-засега е тука некаде веднаш зад првата и петтата сезона, но крајот веројатно ќе биде пресуден…
See ya in another life, brother
И оп, ете го другиот свет!
Не беше првпат за Дез, не беше првпат ниту за нас, но од некоја причина „скокот“ од обичната реалност во оваа другава и се’ уште недефинирана (но на добар пат за да биде) не го очекував ни на крај памет. Можеби, бидејќи веќе се бев навикнал „сајд-флешовите“ да бидат само спореден дел од епизодите, па дури и се имав помирено со фактот дека до крајот на оваа сезона не би требало да очекуваме било какво поважно откритие поврзано со нивната важност… Но, ете, како и секогаш, така и сега сценаристите го прават нештото кое никој од нас веќе не го очекува. Дали можеби предоцна, или пак во згодно време, е прашање на вкус, но знам дека за мене тајмингот е сосема погоден. Ако ваква епизода се случеше многу порано во сезонава, сите ќе бевме нетрпеливи да дознаеме што повеќе за споредните флешови, па уште повеќе ќе не нервираа поневажните (сетап) моменти од истите (како на пример флешовите кои ги видовме со Сан и Џин во “The Package”)… Како и да е, мило ми е што најпосле сите оние кои велеа дека „вторава“ реалност е тотално неважна и само пополнување на време сега веројатно ќе си го променат мислењето. Во ред, се надевам дека ќе го сторат тоа… иако свесен сум дека се’ уште ќе има бунење за наредните флешови, токму од гореспоменатата причина – нетрпение за повеќе откритија за нивното потекло (за кое патем речено после епизодава мислам дека ми се потврди теоријата!).
Но, она што всушност сакав да го споменам во овој дел од теорииве е дека уште в летото 2009-то, во еден мој пост, го имав почувствувано (во мала мера) пресвртот кој го видовме пред само 2 дена во Изгубени. При крајот на јуни напишав теорија според која велев дека како што ќе изминува времето по детонирањето на бомбата, така преживеаните, кои сега всушност веќе и не се преживеани туку живеат нормален живот, ќе доживуваат некакви чудни „дежа ву“ моменти (слични на Дезмондовите од Flashes Before Your Eyes) преку кои ќе сфатат дека тоа што тие го живеат е ни помалку ни повеќе туку некоја ДРУГА, новосоздадена реалност. (се сеќавате на „бунилото“ кое го доживеаја Сан и Џек кога се погледнаа во огледало?!) Секако, има еден мал детал кој не оди во прилог на сегашните настани, а тоа е дека тогаш се’ уште мислев оти ќе имаме ИЛИ алтернативна реалност, или пак продолжување на настаните на Островот, па затоа остатокот од теоријата ми гласеше дека преживеаните ќе се обидат да им се вратат на старите животи контактирајќи ја Елоиз која на некој начин може да управува, маневрира, или што и да прави со проклетото време!… Тоа, нормално дека не е возможно сега, а и мило ми е зашто ќе беше премногу предвидливо во тој случај. Еве линк за неверните Томовци кои нема да ми поверуваат дека ова сум го напишал толку „одамна“…
Science vs. Fate
Сезонава добивме огромна доза на митологија, фантазија и пред се’ работи кои се поврзани со „судбина“, секако како резултат на издигнувањето на Џејкоб и Флок како две главни фигури во разврската на серијата.
Меѓутоа, Happily Ever After не потсети дека Lost не е серија САМО за судбината. Lost е многу повеќе од судбина. Впрочем, сега е веќе јасно дека науката ќе одигра голема, ако не и УШТЕ поголема улога од судбината во разврската на серијава. Па, така, ако Џејкоб и Човекот во црно се оние кои ги тегнат нишките на судбината, тогаш Чарлс и Елоиз се луѓето одговорни за втората водечка алка во серијата – науката.

Видмор е дел од Изгубени уште од финалето на втората сезона, а Елоиз од нешто подоцна (поточно, првото појавување го имаше во една од најважните епизоди од Изгубени, и прва која ни докажа оти сме сведоци на една многу позабегана серија отколку што си мислевме во тоа време – Flashes Before Your Eyes!), па многу е логично да се помисли дека и двајцата имаат замешано прсти многу повеќе отколку што досега знаеме.
А, со оглед на тоа што Хокинг во сите досегашни појавувања во серијава има некаква чудна смиреност, колку и да е ситуацијата стресна, ми падна на ум дека можеби и двајцата се и те како запознаени со правилата на времето, или поточно речено: знаат, веројатно користејќи ги Островските благодети, да го контролираат, односно да „маневрираат“ со истото.
Можеби затоа Елоиз го испрати својот син Даниел на Островот и покрај тоа што беше свесна дека истиот тој ќе биде застрелан од нејзе при едно негово патување низ времето… Можеби токму затоа и Чарлс бил спремен на сите жртвувања „во името на Островот“. Дали можеби и самиот наслов на серијата, ни сугерира да помислиме дека нашите омилени херои се всушност ИЗГУБЕНИ ВО ВРЕМЕТО?!
Елоиз Хокинг – when am I?
Поврзувајќи ги патем сложувалките од минатата теорија, би спомнал дека ако за некој сум 100% сигурен дека ЗНАЕ што точно се случува со времето на Островот и надвор од него, тогаш тоа е дефинитивно Елоиз Хокинг.
Можеби за Чарлс се’ уште не можеме да го тврдиме ова, но присуството на Хокинг во епизоди во кои главната тема беше БАШ времето (како на пример, епизодата во која Дез за првпат „шеташе“ низ повеќе универзуми по притискањето на копчето, Flashes Before Your Eyes, потоа 316, епизода во која баш ТАА знаеше кога и како Островот ќе се појави некаде во одреден временски период и еве сега и во последнава епизода…) дефинитивно го сугерира ова.
Во однос на тоа КАКО Хокинг знае за разните универзуми, за способноста на Дезмонд да патува низ различни реалности и неговата важност, како и за појавувањето на Островот во рандом период и на рандом локација, немам појма, но и не верувам дека ќе ни биде директно објаснето бидејќи веќе и нема време за такво нешто. Ова е една од оние мистерии кои ќе треба сами да ги разработиме асално за да ни станат појасни. Сепак, нешто ми вели дека оваа нејзина способност, е директно поврзана со нејзиното претстојување на Островот за време на експлозијата на бомбата. Елоиз беше бремена во овој период, па не би се изненадил бременоста да имала и некои споредни ефекти за нејзе…
Многу е веројатно дека тоа што го напишав погоре не е точно, ама како и да е – цврсто останувам зад фактот дека таа знае се’ за постоењето на различните универзуми и сето ова ќе им го открие на преживеаните „кога ќе дојде време за тоа“ (како што и му кажа на Дез во последната епизода!).
Ти си прекршок!
И повторно нешто кое досега го слушнавме во повеќе наврати и кое е секако поврзано со никој друг туку со Дезмонд.
“ELOISE: Stop talking, Hume. I’ve heard what you’ve had to say. Now, you listen to me. I want you to stop.
DESMOND: Stop? Stop what?
ELOISE: Someone has clearly affected the way you see things. This is a serious problem. It is, in fact, a violation. So, whatever you’re doing, whatever it is you think you’re looking for…You need to stop looking for it.
DESMOND: Do you, do you know what I’m looking for, Mrs. Widmore?
ELOISE: I don’t know why you’re looking for anything? You have the perfect life. On top of it, you’ve managed to attain the thing you wanted more than anything–my husband’s approval.
DESMOND: How do you know what I want?
ELOISE: Because I bloody do.”
Исто како и во досега стопати споменатата од моја страна, “Flashes Before Your Eyes”, така и во оваа епизода Елоиз му се заканува на Дезмонд во име на сеопштото добро… со тоа што за разлика од FBYE, тука, Хокинг не бара никаква услуга од Дезмонд.

И што сега? Па, како прво, од погорниот цитат можеме да заклучиме дека овој универзум е дефинитивно создаден ПО оној кој го следиме сега на Островот. Тоа се забележува во делот кога Хокинг збори за Дезмондовата желба да стане некој и нешто во очите на нејзиниот маж Видмор.
Како второ нешто кое можев да го заклучам од погорната сцена, е тоа дека Дез повеќе не и е потребен на Елоиз, односно таа веќе не бара од него услуги. Дури и е изненадена кога ќе го забележи на концертот на својот син, до таа мера што барем јас добив впечаток дека Ели намерно се обиде да го заврши што побргу разговорот со него, веројатно борејќи се со можноста да му открие нешто што не треба (и кое за наша среќа ќе го стори само секунди подоцна)… И не само тоа. Еве едно мало навраќање на еден цитат исто така, со тоа што овој е од FBYE. Тогаш Хокинг ќе го каже следново:
“Well, I know your name as well as I know that you that don’t ask Penny to marry you. In fact, you break her heart. Well, breaking her heart is, of course, what drives you in a few short years from now to enter that sailing race — to prove her father wrong — which brings you to the island where you spend the next 3 years of your life entering numbers into the computer until you are forced to turn that failsafe key. And if you don’t do those things, Desmond David Hume, every single one of us is dead. So give me that sodding ring.”
Обрнете особено внимание на болдираниот дел. Дали, најпосле овој цитат има многу повеќе смисла од било кога претходно? Поврзете ја аналогијата на Џејкоб за злото (Човекот во црно) кое е заробено на Островот и експериментот на Видмор, за кој самиот тој тврдеше дека е есенцијален за доброто на човечкиот род и верувам дека ми ја сфаќате замислата!!!
Очигледно Видмор и Хокинг уште од поодамна имале замисла како да го уништат Човекот во црно. Уште повеќе од се имале и причина за да го сторат тоа: знаеле дека со ваквиот потег ќе успеат да ги поништат настаните од реалноста во која патниците од летот 815 паѓаат на Островот и да ги спојат во новокомбинирана реалност во која многу трагедии ќе бидат избегнати (на пример, Чарли не умира, Даниел е жив, Џин и Сан се’ уште се сакаат, Видмор и Дез се најдобри колеги…)
Што се однесува до начинот на кој ќе успеат да го уништат Чудовиштето, то ест Флок… како што пишав уште в минатите теории, сигурен сум дека електромагнетизмот (и Дезмонд) ќе одиграат клучна улога во ова, но преку што не знам. Претпоставувам дека тука е се’ уште Орхидејата, за која веќе знаеме дека има способност да го поместува Островот. Можеби, има и друга способност: да го уништи целосно Островот?!?
Што е алтернативната реалност?
Јасно е дека не е алтернативна. Јасно е дека не е ниту паралелна. Единственото нешто кое не ми е јасно е како истата ќе биде создадена, и дали е флешбек, или пак флешфорвард?!
Дневникот на Даниел е едно нешто кое ме буни во мојата замисла оти се работи за флешфорвард, но претпоставувам дека минатото се повторува во оваа реалност бидејќи така им е судено на учесниците во оваа „војна“ помеѓу доброто и злото. Па, така, Сан ќе го загуби бебето, но подоцна ќе успее да добие друго, Лок ќе успее да ја победи парализата, Пени и Дезмонд ќе се „пронајдат“ итн итн.
Мислам дека разликата помеѓу реалноста која ќе биде создадена со помош на електромагнетичка имплозија и онаа која ја следевме во изминативе шест сезони ќе биде тоа што во новава ќе бидат одбегнати најголемите трагедии и со тоа доброто (Џејкоб) сепак ќе успее да издвојува победа над лошото (Флок), и покрај тоа што првично ќе си го помислиме токму спротивното, бидејќи нели, за Островот да биде под вода, потребно е оние кои се на него да умрат…
Токму оттука и следува насловот на оваа епизода, кој гласи Happily Ever After. Да, знам дека ова се однесува на Дезмонд кој е „перфектен“ (минус факторот љубов) во новата реалност, но имајте на ум дека досега повеќето наслови на Lost епизодите биле двосмислени, ако не и повеќесмислени!!!
И да, не би било за првпат една Дезмонд-центрична епизода да ни наговести важен настан. Сличен беше случајот со FBYE (веќе ми е досадно да се повторувам за оваа епизода), The Constant, кога дознавме за првпат за чудните временски пореметувања на Островот и самото скокање на свеста низ времето како и Jughead минатата сезона, кога ни беше претставена бомбата која ја детонираше Џулиет во финалето…

Додаток: додека ја пишував теорија, еден фан ме извести дека Vozzek, познатиот теоретичар кај DarkUFO напишал оти последнава епизода била всушност ДОКАЗ дека другава, нова реалност е АЛТЕРНАТИВНА, искреирана од некој кој ги знаел желбите на сите преживеани та за нив креирал „утопија“, со тоа што испуштил важен елемент во „формулата“: љубовта. Бидејќи не го читам Возек уште од лани од безбедносни причини (за да не му крадам несакајќи идеи), не би можел целосно да ја искоментирам оваа негова идеја, меѓутоа можам да кажам дека јас баш добив спротивна замисла после гледањето на Happily Ever After. Оваа теорија на Vozzek ми изгледа премногу нелогична ако го земеме в предвид крајот на епизодата во кој Дез одлучно го побара списокот на патниците од летот 815 „за да им покаже нешто“. Сепак, досега типов испаднал многу пати во право, па нема веднаш да му ја оспорувам теоријата… но искрено, се надевам дека не е во право!
Патем речено, уште едно нешто кое не се совпаѓа со теоријата на Vozzek е коментарот на Џулиет од премиерата на шестата сезона (LA X). Ако се сеќавате, тогаш таа, веднаш пред да и се „предаде“ на смртта кажа дека „успеал планот“ (it worked)! Што значи дека мора двата универзума да се поврзани… А, и да, само да дополнам дека Џулс ја виде „втората“ реалност исто така под дејство не електромагнетизам (детонирањето на бомбата…), како и во случајот со Дезмонд. Ете уште еден доказ дека електромагнетизмот е начинот на кој ќе се потопи Островот и ќе се создаде подобрата реалност! Умот на оние кои се под дејство на ова нешто веројатно е збунет бидејќи во исто време постои на две места, па затоа „шета“ од еден на друг универзум… и на тој начин сценаристите убиваат две птици со еден куршум – ем ни даваат хинт за тоа што е другиот универзум, ем за тоа како истиот е создаден. Или не?!
Треба да им покажам нешто
Кога веќе дојдов до крајот на епизодата, само да спомнам дека единствен начин веројатно за некој да се потсети на настаните од својот „претходен“ живот е само доколку се најде во некаква (смртна) опасност. Така, Чарли тоа го искусил кога хероинот беше заглавен во неговото грло, Дезмонд кога автомобилот отиде в океанот… единствено не сум сигурен за Даниел, кој се чини дека тоа го постигнал (според тоа што тој го вели) само со еден единствен поглед упатен кон Шарлот.
Во најмала рака, верувам дека за некој да се потсети на своето „потсвесно минато“ е ако се повтори некаква слична акција од тоа минато во нивната сегашност… како што тоа го направи Чарли (или евентуално самата перцепција на Дез) под водата во единаесеттава епизода…
Уф, што се изнапишав, се изнапишав! Се надевам дека ќе имаат добар одзив теорииве, затоа што навистина се потрудив. А и како да не се потрудам, после ваква епизода?!
Поздрав до сите!