недела, 27 декември 2009 г.

Најдобрите за 2009 (дел први) – Medal of Honor #42

Како што бев ветил, во наредниве две недели на блогов ќе имате можност да го прочитате мојот избор на најдобрите за речиси изминатава 2009 година (да, и јас се прашувам како е можно толку брзо да помине цела година!?). Ова е втора година по ред како правам своја листа на најдобри остварувања во Лостосферата, а инспирацијата повторно ја пронаоѓам во истите случувања со кои сме опкружени во последниве денови од деценијата во изминување: одбројувања, одбројувања и само одбројувања, насекаде и во било кое време! А, сега, најпосле и на блогов!

Започнуваме со најдобрите ликови од петтата сезона…


Најдобар регуларен машки лик за 2009 година
Фановите избраа: Џон Лок
Лостич избра: Бен Линус

Lost е серија во која машките ликови особено се истакнуваат, и поприлично ги засенуваат ликовите од понежниот пол. Токму затоа, оваа категорија за најдобар машки лик отсекогаш била еден од омилените предмети за дискусија помеѓу фановите. Во една изедначена битка, летово, Лок успеа да го освои Изгубениот Оскар токму во оваа конкуренција, со 2 гласа повеќе од Дезмонд, кој и покрај тоа што речиси и да не го видовме во петтата сезона докажа дека се’ уште фановите не го заборавиле. Несомнено е дека Џон е миленик на аудиториумот уште од првата сезона, но она што според мене него го оддалечува од маестралноста на ликот на Бен Линус во последниве 2 сезони е тоа што повеќе не сме ни сигурни каков ентитет е самиот Лок, ако воопшто и стануваше збор за Лок во последните епизоди од петтата сезона. И тоа, но и фактот дека во последните две сезони Бен беше, барем според мене далеку поинтересен лик во секој поглед од Џон. Е, сега, не сум баш сигурен како откритието од финалето на петтата сезона ќе се одрази на Лок. Во секој случај, потајно верувам дека истото ќе помогне најпосле тој да се врати на тронот…

Најдобар регуларен женски лик за 2009
Фановите избраа: Кејт Остен
Лостич избра: Џулиет Бурк

Како што наведов погоре, женските ликови се во голема мера засенети од страна на машките во Изгубени. Доказ за тоа се и резултатите од анкетата за најдобар лик во серијата, каде што, најдобриот женски лик, Кејт, доби цели три гласа! И покрај тоа што категоријава најдобро би била да остане без никаков победник, сепак, за да не испаднам машка дискриминирачка свиња, се одлучив да не ја изигнорирам.

That being said, не се согласувам со мнозинството (ако така можат да се наречат трите фанови кои гласале за Кејт) кое гласало за Кејт како најдобар (женски) лик. Зошто? Поради две прости причини:
- откако го дознавме нејзиното минато, поточно, зошто била гонета од самиот маршал, сценаристите перверзно започнаа да го искористуваат овој лик на начин со кој ги привлекуваа само фановите на досадните серии наречени сапуници, епитет со кој серија како Lost не смее да си дозволи да биде поврзувана.
- како причинско-последична појава по оваа катастрофална одлука на сценаристите, на добар дел од фановите на серијата им здосади константното предомислување на Кејт во однос на тоа кој навистина го сака – дали Џек или Соер?!

Тоа се моите контра аргументи во однос на Кејт. Што се однесува до Џулиет, единственото нешто поради кое ја ставам на тронот помеѓу женските ликови е освежувањето кое го донесе во петтата сезона со размрдувањето на ликот на Соер, кој откако влезе во врска со неа, се препороди… А, и да, мора да се признае дека имавме и неколку шокантни откритија поврзани со неа. (како на пример, тоа дека со нејзина помош Итан дојде на овој свет…)

Најдобар нов лик за 2009Пјер Ченг

Ајде да бидеме искрени. Сите останавме запрепастени кога во првата сцена од петтата сезона го видовме типот од ориентационите видеа на DHARMA во акција, а згора на тоа во близина на никој друг туку Даниел Фарадеј! Иако генерално земено тој и не одигра некоја преголема улога во петтата сезона, конкуренцијата и во оваа категорија сезонава беше толку слаба што воопшто не се ни двоумев на кого треба да му припадне. И патем, добар удел во мојава одлука одигра и крајот на "Some Like it Hoth", со емоционалниот крај кога Пјер го успиваше своето дете, додека од надвор истото дете, во некоја триесет годишна постара верзија со солзи во очите го следеше призорот… И уште нешто – конечно му го откривме вистинското име!!! :)

Ликови кои заслужуваат да бидат спомнати: Илана и Радзински.

Најдобар мистериозен лик
- Човекот во црно

Заедно со првата категорија за вечерва, оваа беше најтешката за одлучување! Шлагот на тортата, како и во секоја, па така и во оваа сезона од Изгубени следуваше на самиот крај, во финалето кога сосема неочекувано се запознавме со ликовите на одамна прочуениот и фамозен Џејкоб, но и со неговиот непријател, кого фановите знаат понекогаш да го наречат и Човекот во црно, или евентуално Есау. Иако верувам дека повеќето нема да се согласат со мојот избор во оваа категорија, сепак ќе си останам цврсто на мојот став од една едноставна причина. Никој, апсолутно никој не си ни замислуваше дека во LOST ќе се појави уште една семоќна (дали???) сила, покрај Џејкоб. Шокот беше уште поголем кога дознавме дека истиот тој непријател на Џејкоб е вгнезден во телото на Лок. Одлична подлога за нов лик. Сега уште останува да видиме дали сценаристите ќе ја искористат како што треба истата!

Сосема непотребно е да напоменувам дека на второ место се наоѓа Џејкоб, зарем не…? ;)

Најдобар умрен лик за 2009
Фановите избраа: Даниел Фарадеј
Лостич избра: Даниел Фарадеј!

И најпосле ставовите на фановите да се совпаднат со моите! Воопшто не постои сомнеж во поглед на оваа категорија. Фарадеј одигра можеби најважна улога во првиот дел од петтата сезона од сите други ликови, а неговите идеи со ресетирање на сите претходни настани преку детонирање на Jughead беа причинители за оној последен cliffhanger од петтата сезона за кој и ден-денеска се водат лавовски дебати околу тоа што ќе се случи понатаму, т.е. дали неговата претпоставка ќе биде успешна, или не.

RIP Daniel Faraday (1978 – 1977)

Сагата наречена „Најдобрите за 2009“ продолжува повторно во предвечерието на новата година, на 31ви декември! Останете на блогов!!!

За дискусија: откријте ни ги Вашите мислења (фаворити) во петте погорни категории

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)