недела, 18 април 2010 г.

Everybody Loves Hugo (теории)

Сите го сакаат Хуго. Тоа е факт. А, уште повеќе го сакаме кога ќе ни понуди една прилично солидна епизода како оваа последната.



Во споредба со сите претходни Харли-центрични епизоди, Everybody Loves Hugo беше премногу сериозна епизода. Го немавме насмеаниот Харли. Ги немавме неговите луди родители во акција (не сметајќи ја секако воведната сцена, која и не одигра баш некоја улога). Го немавме минатогодишниот незаборавен дијалог помеѓу Хуго и Мајлс. Оваа епизода ни понуди сосема нов Харли – Харли кој повеќе не се плаши да ги земе работите во свои раце и да дејствува самостојно. Имајќи в предвид дека овој лик во изминативе шест сезони знаеше на моменти да не насмее до солзи, Everybody Loves Hugo ми го понуди најголемиот шок за оваа сезона... баш тоа: новиот Хуго. И, признавам. На почетокот од епизодата сето тоа ми изгледаше малце и нереално. Меѓутоа, ако само си помислиме за несреќите кои овој кутар „среќник“ ги доживеа во текот на изминатите неколку години (почнувајќи од падот на авионот, губењето на Либи и Чарли па се до повторното полудување и конечното враќање на Островот), ќе сфатиме дека оваа епизода најпосле ја симна маската која Харли се обидувал да ја скрие длабоко во себе...

Одлична е насоката кон која серијава во моментов се стреми. Ем започнува да ги привршува приказните на карактерите (само погледнете колку Џек и Харли се разликуваат од првата сезона!), ем веќе сме при крај и со мистериите. Патем речено, одговорот на мистеријата за шепотењата им докажа на скептиците дека ако сценаристите сакаат, можат за само три минути да ни ги откријат најголемите „тајни“ од Lost…

More...
The Island was done with her
Еден од нај-дежа-ву моментите од Изгубени во моментов ми е смртта на Илана. Ако се сеќавате, во финалето на првата сезона, на сличен начин умре и познатиот Доктор Арцт (кој е учител во истото училиште на Бен и Лок во алтернативниот универзум). Оттогаш па наваму постојано имав благо нетрпение кога некој од ликовите ќе одеше на некоја локација влечејќи со себе динамит.

За жал, шест години подоцна, воопшто и не си помислив дека сценаристите ќе убијат УШТЕ ЕДЕН лик на сосема ист начин. Фалеше уште Харли да го каже легендарното “You’ve got some… Arzt Ilana on you”, за сцената да биде комплетно идентична со онаа од Exodus. Како и да е, Илана и не беше некој важен лик, па и не ми е премногу криво што тука е крајот на нејзината приказна.

Она што е важно од целава ситуација е самиот цитат на Бен во поглед на нејзината смрт. „Џејкоб ја имаше истренирано Илана само за да ги заштити кандидатите, и во моментот кога дојде време за тоа – таа умре. Островот беше завршил со неа. Нешто кое ме тера да се запрашам што ќе ни се случи откако истиот ќе заврши и со нас.“

Навистина, што значи смртта на Илана?! Не можам, а да не си помислам на најлошата можна опција – дека и Џејкоб и Човекот во црно се вешти измамници и дека работат само и САМО во свој интерес. А, земајќи го во обзир и детето (за кое сум прилично сигурен дека е некоја „верзија“ на Џејкоб) кое му се појави повторно со широка насмевка на Флок, веројатно само со цел за да го изнервира баш во истата епизода во која Илана умре и се случи легендарната изјава на Бен (еден од моите омилени цитати од оваа сезона, без сомнение), не можам, а да не се запрашам дали сценаристите уште еднаш ни даваат еден хинт поради кој подоцна ќе си ги удираме главите бидејќи не сме го разбрале како што треба...

Во почетните теории од оваа сезона, имав заклучено дека Џејкоб е добриот во оваа војна, а Човекот во црно е лошиот. Се’ уште стојам цврсто на овој став, но морам да напоменам дека како што изминува времето, се’ појасно станува дека и двајцата на свој начин се лоши. Тие си играат со судбините на луѓето околу себе, со цел да му го докажат на другиот спротивното. Единствената разлика која го прави Џејкоб во целава ситуација подобар од Флок е тоа што вториов, барем засега, се чини дека е вистинското ЗЛО во приказната. И Џејкоб е зло, но прикриено, под маската наречена „за доброто на човештвото“. Знаете како велат: од две зла, помалото! По се изгледа во Lost е таква ситуацијата...

Што значи пак ова за кандидатите? Сигурно, смртта на Илана нема да помине без последици. Ниту еден од овие т.н. кандидати мислам дека не е доволно спремен, ниту пак сака да биде доволно спремен за да верува „слепо“ во Џејкоб како што тоа во моментов го прави Ричард (и покрај сета негова историја со лидерот на Островот)... Бен уште од одамна е скептик за Џејкоб (не бадијала го усмрти!), а по случката со Илана, мислам дека и Џек полека, но сигурно започнува да ја сфаќа „кашата“ во која е снајден. Сан воопшто и не размислува за наследување на Џејкобовото место, таа единствено сака да си го види својот маж. За Соер и Саид да не почнувам муабет. Тука е секако и Харли, но имајќи ги в предвид неговите акции во последнава епизода, не мислам дека и тој е заинтересиран баш премногу за Џејкобовата улога. И да не го заборавиме најважното – Lost е примарно серија посветена на ликовите, па што и да биде крајот... сигурен сум дека нема во главниот фокус да бидат Џејкоб и Човекот во црно. Главна улога ќе одиграат нашите омилени Изгубенковци, за кои ако би морал уште од сега да се обложам – би се обложил на тоа дека тие взаемно ќе се согласат да се „откажат“ од сегашниот живот и да го создадат оној кој го гледаме во споредните флешови во оваа шеста сезона... нешто слично како во минатогодишното финале, со тоа што овојпат ќе успеат навистина да создадат нов универзум во кој не постои Островот!

Бунарот
Минатата недела, веднаш штом ни беше сервирана на тацна првата конекција помеѓу оригиналниот универзум, и оној споредниот, во теориите запишав дека веројатно начинот на кој што Дез ќе успее да го создаде вториот универзум е со помош на електромагнетичката сила која што се наоѓа под „Орхидејата“ и која беше до толку моќна што во финалето на четвртата сезона, видовме дека може да го помести Островот за само неколку секунди. Како што видовме пак во минатата сезона, порано, постоел и бунар (во кој стариот добар Лок падна за да го помести за последен пат Островот) кој водел до истата подземна локација.

Флок, во новата епизода, го носи Дезмонд до еден сличен бунар, за кој ќе спомне дека е толку стар, што луѓето го ископале не со алатки, туку со раце, само затоа што биле во потрага по некаков силен електромагнетски извор кој го „полудувал“ магнетот на компасот (нешто кое ако се сеќавате го забележавме уште во првата сезона – кога Лок му го даде својот компас на Саид)... Делот со копањето на бунарот со раце ме збуни многу на прво гледање, но веднаш штом Флок кажа дека истите овие луѓе кои го ископале бунарот, го сториле тоа затоа што сакале електромагнетизмот да го искористат за свои цели (слично како што сака тоа да го стори и Видмор), сфатив дека се работи за DHARMA.

Едно нешто ни е разјаснето сега. Видмор е дефинитивно дојден на Островот за да ги искористи благодетите на истиот за свои цели. Нешто кое јас го претпоставив уште откако го видовме него за првпат во Dr. Linus. Неговото богатство во обичниот живот по се изгледа дефинитивно е стекнато со помош на чудесните извори на Островот. Единствената нејаснотија сега е зошто тој сака да го уништи Човекот во црно?! Дали е ова единствениот начин за да се искупи за своите „гревови“ пред Џејкоб? Или пак, можеби, тој и нема ништо против Човекот во црно, но е свесен дека ако не презеде нешто против него, ќе заврши трагично како и самиот Џејкоб, па од таа причина ги има преземено сите тие превентивни мерки со оградите и слично?!... Можеби пак, сето ова е поврзано со т.н. „алтернативен“ универзум? Минатата недела се посомневав дека Чарлс и Елоиз се всушност чувари на времето. Оваа опција не е исклучена, а нивното константно опоменување кон Дез дека „тој се’ уште не завршил до крај со Островот“ само ја поткрепува тезава. Како тие би го знаеле ова, ако не се некаков вид на временски чувари?! Па можеби на крајот ќе испадне дека Видмор има една и единствена цел на Островот – да го поправи сето она што го расипал во сегашниот живот. Оттаму, нели, следува и изјавата на Хокинг во минатата епизода кон Дезмонд. „Не знам зошто би барал нешто. Ти го доби она што најмногу го посакуваше... Добриот однос со мојот маж [Чарлс Видмор].“

Зошто мислам дека споредниот универзум НЕ Е АЛТЕРНАТИВЕН
Останува многу малку до крајот, па како што гледаме, секоја измината секунда од шоуто ќе биде од голема важност за конечната разврска. Последниве две епизоди, како никоја претходно, воспоставија една взаемна конекција помеѓу двата универзума. Главна алка, која ги поврзува и двава временски периода е Дезмонд. Тој е свесен за постоењето на универзумите и во двата случаи.

Еве кои се работите кои одат во прилог на мојата теорија, дека споредниот универзум, не е создаден како резултат на детонирањето на хидрогенската бомба, туку дека ЌЕ биде создаден (најверојатно?) во финалето на Изгубени и тоа БАШ од Дезмонд.

1) Многу цитати не наведуваат да размислуваме во оваа насока. Да речеме, Либи во последната епизода спомна дека кога го видела Харли на телевизија, доживеала флешови со МЕМОРИИ, но истите биле од некој друг живот. Значи, ликовите ги чувствуваат овие флешови како мемории – нешто кое го користиме за МИНАТИ настани! Ако ова би било алтернативен универзум, зошто ликовите би имале мемории од некаков „друг“ живот? Тоа би било апсурдно, зарем не? Во оваа категорија спаѓа и претходно наведениот цитат на Хокинг...
2) Крајот на епизодава, кога Дезмонд НАМЕРНО го удри Лок со автомобилот. Постојат две опции за овој настан: дека Дез сакаше на тој начин да му помогне на него да сфати за постоењето на Островот (во минатото), или дека сакаше да му се одмазди на Џон за она што тој му го стори во сегашноста, на Островот (го фрли во бунарот). Бидејќи Дезмонд имаше милиони други начини за да му ја открие на Лок „тајната“ за Островот (кои се секако 100 пати помирољубиви!), вторава опција ми изгледа повозможна. А, и прилично јасно е дека Дез беше и те како бесен и одлучен во моментот кога го стори ова злодело. Морало да има причина за ваква акција, бидејќи Дезмонд по природа е далеку од проблематичен, а и не треба да се заборави дека во новиот универзум има стекнато добра репутација како економист (или што и да е)...
3) Начинот на кој одредени ликови доживуваат дежа-ву од „немајкаде“, како на пример, Џек кога го праша Дез дали го знае од некаде во премиерата на шестата сезона, моментот на зачудување кај Кејт кога го здогледа Џек на аеродромот, Пени во минатата епизода која се чини дека потсвесно го препозна Дез и многу други слични ситуации од оваа сезона...

Неминовно е да ги споменам и работите кои не и одат во прилог на мојата теорија. Сега-засега, се чини дека истите се:
1) Коментарот на Џулиет од премиерата дека „успеале во планот“. За ова не сум сигурен дека е контра-аргумент, затоа што таа беше изложена на сличен електромагнетизам како и Дезмонд во минатата епизода, што значи дека можно е и таа да доживеала флеш од споредниот универзум, па затоа лесно и се предаде на смртта (знаејќи дека ја очекува подобар живот понатаму!)...
2) Коментарот на Харли од последнава епизода во врска со лудоста на Либи. Тој спомна дека сите сме луди на свој начин – едни веруваат во некакви „бизарни алтернативни универзуми“, други се срамежливи пред девојки... И тука сепак не сум сигурен колку е ова контра-аргумент, затоа што во истава епизода, добивме прилично едноставен одговор за шепотењата, за кои пак имавме толку луди теории во минативе неколку години. А, постоењето на алтернативен универзум, кој се случува истовремено со овој, „нормалниот“, барем на мене не ми изгледа на едноставна солуција на сета оваа каша.

Можеби и премногу очекувам... можеби навистина другиов универзум е АЛТЕРНАТИВЕН, но сите овие паралели кои ни се случија во последниве две епизоди и флешовите (мемориите) кои ликовите ги доживуваат се’ почесто и почесто едноставно не ми се поклопуваат со оваа теорија, која е прелесна за погодување и згора на се’ – не е во стилот на LOST…

Ни Дезмонд, а ни Лок не е мртов
Дезмонд има работа и Островот не е завршен со него. Тој мора да го создаде новиот универзум, и се додека не го стори тоа, безбеден е на овој свет. Токму затоа и не се плаши повеќе од ништо.

Ни Лок не е мртов! Можеби тешко е повреден, но токму тоа е и радосната вест за фановите на Изгубени: сега најпосле ќе имаме можност да го добиеме продолжетокот на онаа прекрасна сцена со дијалогот помеѓу Лок и Џек од другиот универзум во LA X. Во меѓувреме, Дез може да се каже дека во овој универзум убил две птици со еден куршум. Ем му се „одмаздил“ на Лок, ем (верувам дека) ќе успее на тој начин да му ги предизвика мемориите кои му се втиснати потсвесно во мозокот за Островот...
Патем, сега, кога Џек и компанија се во кампот на Флок, мислам дека е најпосле време и за финиширање на приказната на Џон Лок. Човекот во црно ги има мемориите на Лок, па ќе може да направи темелен разговор со Џек (нешто во стилот на, „ти реков ли за Островот?!“), обидувајќи се секако на тој начин да го „поткупи“ докторот на своја страна. Нешто слично како разговорот кој тој и Бен го водеа во премиерата...

Што/кое е детето?
Спомнав погоре дека најверојатно се работи за Џејкоб, а истото го напишав и пред неколку недели, во теориите за “The Substitute” кога всушност за првпат и се појави мистериозната фигура во серијава. Па, затоа, си останувам на оваа теорија.

Детето не само што ги дели истите надворешни изгледи на Џејкоб, туку и се појавува баш во моментите кога Човекот во црно има намера да направи нешто кое е спротивно на правилата и прописите во војната помеѓу „полу-боговите“ на Островот. Се појави тогаш кога Флок имаше веројатно намера да го убие Соер, и покрај тоа што е кандидат, а и сега, кога Дезмонд е веројатно една од заканите за усмртување на Чудовиштето, за кое што веќе се посомневав дека единствена слаба точка му претставува електромагнетизмот... (нешто на кое Дез е секако имун и со тоа тој претставува ТРН во око на „семоќниот“ Флок)

Тоа е се’ за денеска народе. Се надевам дека уживавте во теориите! Имајте добар викенд и убава петочна ноќ, каде и да одите! :)
>

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)