петок, 2 април 2010 г.

The Package (теории)

Последната епизода е емоционален тобоган во кој или ќе се заљубите на прв поглед, или пак никогаш нема да го прифатите. Сан и Џин можеби не се најомилените ликови помеѓу главните, но неколку сцени од “The Package” беа доволни за на многумина од нас да ни се „затресе“ душата. Добриот Џек, збунетата Кејт, ироничниот и навидум ладнокрвен Соер, тажната Сан… епизодава буквално вриштеше ПРВА СЕЗОНА, па макар и да не ви се допаднала, мора да го признаете ова. Токму затоа истава заслужува посебно место во витрината во која се вгнездени сите досегашни LOST епизоди.

Гледано од аспект на фановите, епизодава не понуди апсолутно ништо спектакуларно, што на некој начин и се очекуваше после напнатата и дарежлива на одговори “Ab Aeterno”. Веќе сме во втората половина на сезоната, па нештата би требало многу набрзо да започнат да се одвиваат со полна пареа. Секако, до крајот се’ уште остануваат уште цели 8 часови, па не очекувајте секој од овие осум да биде приближно добар на минатонеделната шокантна Ричард-доза.

Иако, веќе заклучивме дека епизодава одлично изигра на картата на емоции, “The Package” беше кратка на изненадувања и пресврти. Крајот беше премногу предвидлив за поголемите фанови на серијата, до таа мера што си помисливме дека гледаме епизода од 1001 Ноќ во која по 108-ми пат Шехерезад и Онур се разделуваат. Па добро, претпоставувам дека не секогаш е возможно да се изведе добар клифхенгер! :)

Не чувствувам ништо
Одговор на мистеријата за болеста, или пак..?!

Уште откако се случи онаа тепачка помеѓу Клер и Кејт, која Саид ја следеше ладнокрвно отстрана, заклучивме дека нешто не е в ред со довчерашниот мачител и пред се’ голем пријател на изгубените. Веќе во новата епизода имавме можност да дознаеме што се случува со Ирачанецот. Очигледно, болеста, то ест темнината која е во него навлезена, дошла до тој степен што кутриот повеќе не може да почувствува никаква емоционална приврзаност ниту кон себе, а камоли пак кон некој друг. Ова е навистина чуден феномен знаејќи дека Клер, која е исто така под влијание на истата болест, истакнува емоции без проблем, макар што истите се негативни (омраза кон Другите, па кон Кејт, барање начин за да им врати мило-за-драго итн)…

Можеби единственото нешто кое сега Клер и Саид ги класифицира како луѓе е нивната приврзаност САМО кон она што најмногу го посакуваат. На пример, кај Клер се побуди омраза в оној миг кога дозна дека Арон е киднапиран од Другите (Кејт), а Саид пак доби желба да му помогне на Човекот во црно тогаш кога овој му ја вети за возврат Надја жива и здрава. Секако, најверојатна е опцијата дека тресам глупости обидувајќи се да ги дешифрирам кодовите или што и да се кои сценаристите ни ги испраќаат преку муабетот на Саид и Флок во “The Package”…

Кога сме веќе на оваа тема, еве што мислам сега, откако дознавме уште неколку ситни детали за болеста. Претпоставувам дека болеста е всушност манифестација на злото кое владее на Островот (односно, Човекот во црно) и која навлегува единствено во телата на мртвите, или евентуално тешко ранетите… Веројатно ова е една од причините поради кои Флок НЕ СМЕЕ да го напушти Островот. Во тој случај сите тела во светот би МОРАЛЕ да се горат (како што правеа Другите со труповите на мртвите луѓе во третата сезона) со цел истите да не бидат завладеани од темната страна која подоцна, откако ќе ги реинкарнира, им ги „отупува“ емоциите кон се’ што е живо и неживо. Можете ли да си замислите свет во кој секој втор човек е „Саид“ или „Клер“?! Тешко нас ќе биде, зарем не?…

Кејт не е кандидат… НЕ ПОВЕЌЕ.
Дали само јас ја забележав оваа реченица?! Флок и откри на Клер дека исто како и неа, и Кејт не е една од кандидатите. Клучниот дел тука лежи во вториот дел од реченицата, кој гласеше „БАРЕМ НЕ ПОВЕЌЕ“.

Што поточно сторила Кејт за да „заслужи“ Џејкоб да ја чкртне од листата на можни негови наследници?! Дали можеби земањето на Арон во свој посед одиграл улога во ова, или пак тоа што Кејт во минатото направила грешки со кои заслужила да биде „казнета“ од страна на Џејкоб?

Можеби никогаш нема да дознаеме, но ако бирам, би ја избрал дефинитивно втората опција. Како што спомнав во минатите теории, допирот на Џејкоб може да го сфатиме како привилегија, но и како клетва. За Кејт, со тоа што го избрала погрешниот пат (со самото убиство на својот татко и подоцнежното бегство од полицијата!), допирот станал клетва и токму затоа сега таа е пречкртана од листата на Џејкоб.

Но, како и на секоја тема во Lost, така и во оваа имаме дилема. Џејкоб, во разговорот со Ричард во “Ab Aeterno” спомна дека откако избраниците негови ќе пристигнат на Островот, нивното минато не е повеќе важно. Секако, не знаеме дали ова правило важи и за убијците… но, би било нефер да биде изигнориран овој факт од моја страна. Ако овој исказ важи и во случајот со Кејт, тогаш Арон е клучот за нејзиното пречкртување од листата…

Во секој случај, поважно е да видиме до крајот на серијата што ќе значи сево ова за опстанокот на Кејт на Островот и воопшто, помеѓу живите во овој свет. Судејќи од случајот со Лок, на пречкртаните не им се пишува баш најдобро…

I was wrong
Што по ѓаволите се случува со Чарлс Видмор?!! Зарем треба сега да поверуваме дека од ведро небо станал светец, или пак се работи за уште една голема измама која сценаристите ни ја приредуваат додека ние тука теоретизираме на разноразни теми?!

Барем нешто ни е сега комплетно разјаснето – дефинитивно тој и Флок не се на иста страна… Тоа значи дека или Видмор работи за некои свои интереси, што не би ме изненадило воопшто знаејќи дека со години се мачеше да го пронајде Островот и најпосле да стапне на него (а сигурно го барал заради НЕШТО!), или пак работи за интересите на Џејкоб/Другите, што би било прилично нелогично бидејќи тие беа оние кои го протераа од ова место 20 години претходно. Додека не видиме краток флешбек или асална конверзација за неговите интереси со своите работници (а не со преживеаните – очигледно е дека како и Флок и тој сака да ги придобие!), сите карти се отворени.

Со оглед на тоа што 10 епизоди поминаа од сезонава, а абер нема од мојот фамозен трет играч, можеме слободно да констатираме оти оваа теорија е невозможна, дури и за стандардите на LOST! :)

Значи сума-сумарум: Видмор мора да работи за некои свои интереси!!!

Електромагнетизмот VS. Чудовиштето
Не бадијала Зои го прашуваше Џин за „електромагнетичките џебови“ на Островот. Не бадијала DHARMA експериментирала со електромагнетизмот. Ова е тоа луѓе. Одговорот на прашањето како да се уништи Човекот во црно. ЕЛЕКТРОМАГНЕТИЗМОТ!

…или не?…

Пакетот
И најпосле дојдовме до главното откритие на епизодата: Дезмонд еј-кеј-еј „ПАКЕТОТ“. Уште еден брилијантно осмислен двосмислен наслов од страна на сценаристите. Околу пакетот се вртеше дејството и во оригиналната реалност, но и во другата… која веќе не знам ни како да ја наречам. Секако, се работи за ист термин, но далеку од тоа дека се работеше за исто нешто.

Но, да продолжиме на темава. Дезмонд како пакетот е можеби најпредвидливиот можен заплет во серијава кој многумина фанови го предвидоа уште во “Recon” откако Соер ја забележа заклучената соба во подморницата. Јас, секако, ја бев отфрлил оваа можност веднаш, сметајќи дека сценаристите ќе смислат нешто помудро. Но, ајде, ќе им простиме овој пат. Последна сезона е и мораа да најдат начин за да го вметнат Дез после подолга пауза.

Сепак, се поставува прашањето колку е овој потег за поздравување?! Последното појавување на Дезмонд во оригиналниот универзум, лани, во “The Variable” наговестуваше дека тој најпосле ќе си го добие одамна заслуженото happily ever after со Пени. Сега, со оглед на тоа што типот е назад на Островот, вакво нешто по се изгледа е невозможно. Пени сигурен сум дека не е на подморницата бидејќи:
1) Не е во добри односи со татко си;
2) Актерката која ја глуми Пени (Соња Вогер) е една од главните во серијата FlashForward, па освен ако нема моќ да се појавува на две места во исто време, тогаш не гледам начин да ја видиме во повеќе од една епизода сезонава… евентуално две.

Значи, како што изгледаат работите во моментов, Видмор на сила го киднапирал Дезмонд! И мислам дека тоа го сторил токму во болницата во која Дез се наоѓаше лани, со помош на свои луѓе. Како што веќе знаеме од минатата сезона, Чарлс се сретна со Елоиз пред влезот на болницата, па сигурно е дека нешто барал тој тука. Не е дека имал GPS локатор вметнато на својата поранешна жена, а и не е дека главната задача му била да ја конфронтира неа во врска со Даниел! Средбата со Елоиз веројатно не била „искалкулирана“ во планот на Видмор, та тој морал многу побрзо од планираното да дејствува, имајќи во предвид дека ако го киднапира Дез, Пени најпрвин ќе и се обрати токму на Хокинг, која пак ќе ги поврзе работите… па затоа веднаш тој трга со подморницата кон Островот.

Што се однесува до Дезмонд, тој е многу веројатно дека се’ уште не е свесен каде точно се наоѓа. Токму ова е причината поради која се зачуди толку кога го виде Саид откако излезе од подморницата. Во текот на целото патување тој бил држен мирен под дејство на „лесни“ дроги, а собата во која бил заклучен му имплицирала оти е се’ уште во болницата. А, и да не било ова случајот, не можел да побегне никаде зашто веќе било предоцна.

Многу е смешно што на крајот ќе испадне дека Видмор намерно се однесувал лошо кон Дезмонд. Тој сигурно ја знаел неговата огромна важност (како немам појма!), а голема е веројатноста и дека онаа трка околу светот ја организирал токму затоа што знаел дека Дез ќе сака за инает да учевствува во истата и на тој начин ќе заврши на Островот. Имам чувство дека многу нешта ни се неразјаснети во врска со Видмор и дека типот знае многу повеќе отколку што мислиме дека знае.

Флешбек, флешфорвард или пак алтернативен универзум?!
ОК, се позбунувачки и позбунувачки ми изгледаат flash-sideways-иве.

Во ред, сфаќам дека нештата се поврзани и „ваму“ и „таму“ и дека НЕКАКО сите работи се повторуваат, но ЗОШТО и КАКО?! Во “Flashes Before Your Eyes” Елоиз ни откри дека универзумот има начин за да ги поправи работите, што и навистина се случува во… другиов универзум, ама сценаристите очајнички се обидуваат да ни го одземат фокусот со некои емоционални сцени преку кои мислат дека ќе заборавиме на едно од најважните прашања кои оваа сезона ги влече сама по себе – која е целта на вториот универзум, и што е тој?!

Еве неколку интересни поврзаности помеѓу оригиналниот универзум и новиов од последнава епизода:
1) Дознавме дека и тука (исто како во четвртата сезона) Кими не беше доубиен од Саид, иако страшно ранет и на граница да биде умртвен…
2) Микаил го загуби окото, кое го немаше на Островот.
3) Сан беше повредена во стомакот. Во оригиналниот универзум Џин и Сан не можеа да добијат бебе заради неплодноста на Џин. Во овој, новиов, по се изгледа истиот проблем ќе го има Сан. Барем така претпоставувам, бидејќи е повеќе од веројатно дека сега ќе го загуби бебето поради повреда. Инаку, ви паднало ли на памет дека можеби Џулиет ќе се обиде да ја излечи раната на Сан во една од наредните епизоди?! :)
4) Сан не можеше да говори на англиски во обичниот универзум. Во новиот, таа не знае англиски. Постои ли поврзаност??! Којзнае!?
5) Во вториот флеш, кога Сан и Џин се будат во хотелската соба, кој се случува веднаш откако Сан ќе се удри во дрвото бегајќи од Флок и кога Кими им ѕвони на вратата, таа за момент се гледа во огледалото и од некоја причина е зачудена…

Уште еден хинт дека постои поврзаност помеѓу двата универзума, или пак looking too much into it, што мислите?!

Тоа е тоа за денеска народе. Со повеќе теории, се враќаме в идната недела! :)

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)