Сосема очекувано, после ужасните рејтинзи на новата и сега и официјално последна осма сезона на 24, серијата која создаде уште еден нов американски Чак Норис (ала Џек Бауер!) си го доби заслужениот третман. Вчера најпосле беше објавено дека финалето на 24 ќе се случи на 24-ти мај, за нешто помалку од два месеци. Но, колку и ДАЛИ телевизиските анти-фанови на оваа серија треба да бидат среќни за овој „расплет“ во Fox телевизија?
Лостич вели: ВООПШТО. А зошто? Па, токму поради фактот што во рок од два дена ќе завршат две американски хит-серии кои ја одбележаа минатата телевизиска деценија: “Lost” на 23-ти мај и “24″ на 24-ти мај. Ова можеби и не ви изгледа премногу трагично на прв поглед, но ако ја поставам ситуацијата на следниов начин ќе ја сфатите сериозноста на сегашната ситуација.
Во САД има милиони и милиони разни шоуа, но само една десетина од нив, ако не и помалку, се телевизиски продукти кои е потребно да ги следите ПОСТОЈАНО за да можете да ги сфатите.
Значи, тргнете ги настрана сите т.н. американски сапуници кои се кријат под епитетот докторски, вампирски, полициски или какви-и-да-е серии од типот на Grey’s Anatomy, NCIS, CSI, Vampire Diaries итн… Тргнете ги настрана реалните шоуа како American Idol, Survivor, Amazing Race и сите останати. Што ви останува на крајот? Запрепастувачки нели?
И кога на крајот од оваа сезона ќе завршат и Lost и 24, единствена квалитетна серија која ќе ни преостане за следење ќе биде House [единствената докторска серија која не смее да биде наречена сапуница!]. Prison Break заврши лани. На V и FlashForward ако продолжат со катастрофалните рејтинзи не им бега „канта“. За Heroes да не почнувам муабет. Порадо би гледал една епизода од индискана катастрофа Бандини, отколку да им ги гледам маките на сценаристите кои се тотални заплеткани и не знаат повеќе што пишуваат. Америко, Америко, до која ситуација се доведе?!
Дали крајот на 24 и Lost го означува и почетокот на крајот на квалитетните серии на четирите американски главни (национални) телевизии: CBS, NBC, ABC и Fox?! Барем сега-засега, кон тоа ме водат мислите.
Но, не грижете се, тука за среќа се се’ уште кабелските телевизии. Не бадијала истите им ги земаат сите круни на националните на последните неколку изданија на ЕМИ-јата…
Што мислите Вие на оваа тема?!

0 коментари:
Објави коментар