петок, 26 март 2010 г.

Ab Aeterno (теории)

Darlton did it AGAIN!

Чекавме осум епизоди за да се случи епизода од ваков тип и цели две години за да добиеме нова “The Constant”! Иако, далеку од тоа дека епизодава може да се споредува со “The Constant”. Едноставно, оваа епизода има толку голема тежина, што колку и да ја споредуваме со сите претходни (освен, можеби, со финалето на петтата сезона!) само ќе си го губиме залудно времето. Ова беше класична LOST епизода која ќе остане запаметена засекогаш. Да се надеваме дека и финалето на последнава сезона ќе биде исто толку добро како и “Ab Aeterno”…

Што ви реков?
Веднаш по премиерата на петтата сезона, лани, јас напишав една многу интересна, но далеку од доразработена теорија за која ви спомнав дека со текот на времето ќе ја доусовршувам. За оние кои не ми веруваат, теоријата можат да ја пронајдат на овој пост, најдолу. Еве што имав напишано на 24 јануари 2009-тата година:

„ Дали Островот е олицетворение на Господ?! Сите ние знаеме какви се случки се напишани и поврзани со Господ. Знаеме за ангелите, знаеме и за ѓаволите. Еве една интересна теза – што ако Островот го замислиме како Господ, а сите други на и околу него ангели/ѓаволи. Размислете малку! Ѓаволот е црвен со црни рогови, а на Островот има црно Чудовиште кое убива луѓе. Ѓаволот е лош и прави раздор наоколу. Се обидува да завладее. Земете го Бен (црвениот дел од ѓаволот!) за пример. Тој го повика Чудовиштето/другиот дел од ѓаволот бидејќи за првпат по подолго време доживеа неправда. Индиректно, а и директно тој предизвика смрт на многу други луѓе. Ги уби сите членови на DHARMA. Ја киднапираше Клер. Го зеде тоа што не му припаѓаше на него под образложение дека прави добро за сите. Но што ако е навистина така?! Што ако луѓето на Ричард Алперт, т.е. вистинските населеници се оние кои се ангелите, а Бен и Видмор, и Хокинг и сите други кои се обидуваат да го земат Островот во свој посед се ѓаволи? Секако, тука се и преживеаните од летот 815, луѓето кои не можат да живеат мирен живот, ниту на, но и надвор од Островот. Тие се можеби оние покајаниците со многу гревови, кои се исповедуваат на Островот…знаејќи дека направиле големи грешки. Џејкоб е оној кој ја има улогата на апостол, искажувајќи ги мислите и наредбите на Островот (Господ).“

Доколку добро ги следевте теориите за оваа сезона, исто така ќе забележевте дека оваа моја теза погоре постојано беше разработувана, како што си изминуваа епизодите. Па, еве сме, по една година и два месеци и онаа погорна теорија на која многумина и се изнасмејаа испадна дека била колку-толку точна, или ако ништо барем, сум насетил во која насока ќе течат настаните! В ред, признавам дека дел од теоријата има огромни недостатоци, како на пример споредбата на Бен со ѓаволот, но во тоа време Бен сепак беше некој и нешто… Во секој случај, поентата ми е – кој вели дека теориите ги пишуваме за џабе?! ;)

ОК, толку фалење од моја страна за денеска. Продолжуваме конечно со поважните прашања! :)

Игра на зборови
Иако оваа последна епизода претпоставувам дека конечно ги отстрани сите можни сомнежи за тоа кој е навистина ЛОШИОТ во војната, сепак, се’ уште има скептици помеѓу фановите кои не веруваат ниту во Џејкоб, ниту пак во Човекот во црно. И со право!

Начинот на кој што Ричард беше изманипулиран и од двете страни во “Ab Aeterno” остава простор за размислување. Џејкоб можеби ја збореше вистината за злото, но ако навистина е тоа така, зошто по ѓаволите носи луѓе на Островот кога знае дека можеби и единствената шанса на неговиот непријател е да ги искористи истите за да пронајде излез од својата „безизлезна“ (како што тој тврди) ситуација. Токму затоа, Лостич се запрашува:- Дали е сево ова што го гледаме всушност една игра која си ја играат Џејкоб и Човекот во црно?

Размислете малку. Џејкоб по случаен избор си селектира луѓе од обичниот свет и ги носи на Островот, каде што „нивното минато повеќе не е важно“, туку важно е само да не потклекнат пред злото т.е. Човекот во црно за овој да сфати еднаш засекогаш дека НЕ БИЛ ВО ПРАВО. Задачата односно мисијата на Флок, пак, е да ги искорумпира душите на сите оние кои ќе стапнат на Островот и со тоа да му докаже на Џејкоб дека сепак Е ВО ПРАВО.

Непријателот на Џејкоб тврди дека бара начин за да му се одмазди на Џејкоб затоа што го проколнал со тоа што засекогаш му ја одземал неговата човечност. Но, ете, 200 години подоцна, истиот тој Флок го убива Џејкоб и наместо веднаш да си замине од Островот, останува. Зошто? ОК, знам, тука се’ уште има некои кандидати, но ниту еден од нив го нема официјално заменето, ниту пак верувам дека ќе може да го замени Џејкоб. Што го спречува? Апсолутно ништо. Што го мачи сега?! Дали е до толку несреќен и разлутен што не планира да си замине се’ додека не ја уништи сета Островска цивилизација, или пак е во потрага по нов активен непријател, бидејќи само во тоа ја гледа суштината на животот?!… Не знам, но знам едно нешто: и двете страни си играат како што ќе посакаат со останатите ликови во името на својата кауза…

Кога сме веќе на оваа тема, постерот Љубиша неодамна остави интересен коментар со кој вели дека визиите кои Харли ги гледа насекаде се уствари визии од Џејкоб со кои тој го насочува да работи за него. Ова, барем засега, не ми изгледа како нешто кое Џејкоб би го правел бидејќи сепак, тој е (според моето верување) добриот во сетава приказна, но ако на крајот испадне дека ова е навистина така, тогаш ќе бидам наполно уверен дека борбата помеѓу Џејкоб и Флок е навистина ИГРА во било која смисла на овој збор. Во секој случај, одлична теорија на Љубиша, мора да се признае! :)

Што е Островот?
Можеби никогаш нема да го дознаеме името, ако воопшто и го има, но барем дознавме која била, е и ќе биде функцијата на Островот.

„Замисли си го ова вино дека е тоа што ти постојано го нарекуваш пекол. Има и многу други имиња исто така: злоба, несреќа, црнина. Еве го тука, се врти во шишето, не можејќи да излезе бидејќи ако се случи тоа, ќе се прошири насекаде. Тапата е овој остров и тоа е единственото нешто кое ја чува темнината таму каде што таа треба да биде. Тој човек кој те прати тебе да ме убиеш верува дека сите се подмитливи и дека е во нивната природа да грешат. Јас ги носам тука луѓето за да му докажам дека не е во право. И кога ќе дојдат тука, нивното минато повеќе не е важно.“

Веќе расчистивме дека најверојатно Џејкоб и Човекот во црно се „забавуваат“ играјќи си со судбините на луѓето со цел да го докажат спротивното на она што другиот го мисли, меѓутоа, сосема сум сигурен дека во овој цитат погоре сценаристите отворено и без влакна на јазикот ни дадоа одговор за Островот. Тоа е тоа луѓе. Се работи за место во кое што е заробено најголемото зло, или пакост која би можела да му се закани на човештвото. Токму од таа причина ова место не може да биде пронајдено на ниту една светска мапа, а и да се случи такво нешто, во рок од неколку часови истото ќе се премести на друга локација во светот. Зошто се случува ова е необјаснив феномен, но сигурен сум дека големите сили над нас одлучиле дека вакво место не смее да биде никогаш пронајдено од обичниот човек, освен ако станува збор за избраник на Џејкоб…

Сите се мртви
Интересен момент во епизодава секако беше и откритието на Џејкоб дека ниту еден од неговите избраници не успеал да ја поткрепи неговата „теорија“, или поточно речено верување, дека човештвото не е до толку лошо како што Човекот во црно вели.

Откако Ричард ќе го праша Џејкоб зошто, кога веќе ги донел сите тие луѓе на Островот, не им помогнал, овој му одговара дека главната задача на секој човек е самиот по себе да ја сфати суштината на своето постоење. Нешто слично напишав и во една од своите претходни теории, откако на блогов имав можност да прочитам мислења на оваа тема во кои одредени постери се запрашуваа во тенденциите на Џејкоб токму поради неговата смиреност за сите настани во текот на војната.

Заклучокот, и тогаш и сега, е истиот: како и секое благородно суштество кое е поголемо и повозвишено од обичниот човек, така и Џејкоб не смета дека е потребно да дејствува врз ликовите само за да го победи Флок. Токму тоа е границата помеѓу доброто и злото во серијава, а верувам и во животот. Ѓаволот без прашање ќе ни излезе во пресрет, само за да не искористи во свои цели и притоа да не (до)уништи, а ангелот/добрите души ќе останат настрана мудро посматрајќи ја ситуацијата и давајќи ни поткрепа единствено со своето постоење… Оттука следува и наредната теорија.

Допирот на Џејкоб – и дарба и клетва?
Сега е веќе неминовно дека допирот на Џејкоб може да се сфати и како дарба, но и како клетва. По оној интересен разговор на плажата помеѓу него и Ричард, дефинитивно се остварува мојата теорија дека сите оние кои потклекнуваат пред злите духови ќе го доживеат овој допир како клетва.

Единствено луѓето кои ќе ја сфатат важноста на Островот ќе имаат можност да уживаат во благодетите кои ги нуди овој магичен допир. За најдобар пример и за двава случаи би го земал Лок. Веднаш штом пристигна на Островот, благодарејќи на повторното добивање на можноста да оди, започна да го слави ова чудесно парче земја, иако се’ уште не беше свесен за тоа колку истиот Остров е битен за целото човештво.

За жал, ѓаволот наоѓа секакви начини за да ги измами добрите души, дури и тогаш кога истите не се свесни дека такво нешто им се случува. Па, така, Флок кај Џон ја искористи единствената мана – неговата детска наивност и лесно го убеди со помош на својот „застапник“ Кристијан Шепард и „во името на Џејкоб“, да го сврти тркалото со што наместо да ги спаси своите пријатели, го прави токму спротивното, од едноставна причина што со неговото заминување од Островот и подоцнежната смрт му ја овозможува на Флок лесната победа во војната.

Близу до вакво нешто беше и Ричард во епизодава. Малку фалеше Флок да го придобие на својата страна и засекогаш тој да ја загуби онаа светлина во себе…

Сума-сумарум: допирот на Џејкоб ги прави луѓето специјални, но со себе си носи и (огромни) последици во случај кандидатот да ги прекрши правилата на својот надреден, или пак го предаде со некоја своја постапка… (нешто кое се случи со Саид и кое се случило со многу други веројатно)

Дали Човекот во црно воопшто има име?!
Забележувам дека во секоја можна прилика досега Џејкоб не си го крие своето име. Тој јавно кажува кој е и која е неговата улога на Островот. Секако, само пред оние на кои им верува… Од друга страна, Флок постојано им се обраќа на луѓето со „пријателе“ и бара константно нивни услуги, додека пак кога ќе дојде времето тој да им одговори на нив вели дека „нема време за губење“ (како што видовме во Ab Aeterno) и дека треба да се зафатат со посериозни работи.

Дури и во воведната сцена од Инцидентот, Флок му се обрати на Џејкоб користејќи го неговото име, а Џејкоб не го стори ова. Почнувам сериозно да размислувам за опцијата дека Флок воопшто и нема име, што и не е нелогично. Зошто едно Чудовиште би имало име, зарем не?!

Инаку, ако се сеќавате, и самиот Флок во LA X додека разговараше со Бен кажа дека неговото име не е важно. Којзнае, можеби ова е единствената вистина која тој ја има кажано досега!

Од кога датира ривалството помеѓу Џејкоб и Флок?
Очигледно е дека се работи за векови и векови… и векови! Египетските остатоци на Островот ни наложуваат да помислиме дека првите доселеници најверојатно биле токму старите Еѓипќани. Повеќе не знам дали и што да мислам во врска со потеклото на Џејкоб и Флок. И двете фигури се нешто надчовечко, тоа е сигурно, па можеби крајниот одговор никогаш и нема да го добиеме. А, и зошто би го добиле? Дали некој дознал што навистина е Господ и дали истиот постои? Не. Буквално истото важи и за овие двајца.

Сепак, едно нешто ме буни тука. Флок во минатата епизода ја спомна својата „луда мајка“ која била една од причините што тој е сега таков каков што е. Во случај тој да ја збореше вистината, ќе си остане отворена можноста Флок и Џејкоб да потекнуваат од нормални семејства, а и самите многу-многу порано да биле исто така нормални како сите луѓе на планетава, но ако тој момент од претходно беше само обид за да ја придобие Кејт на своја страна, тогаш верувам дека погорната моја замисла ќе испадне точна… За ова се’ уште мислам дека е прерано да се теоретизира, бидејќи и покрај сите одговори кои ги добиваме со теков на епизодиве, историјата на Џејкоб и Флок нема да имаме можност да ја откриеме се до самиот крај на серијата… До тогаш остануваат 7 епизоди, па да се надеваме дека во некоја од наредните ќе имаме веќе доволно материјал за доразработување на оваа теорија!…

Кој ќе го замени Џејкоб?
Зборувајќи за актуелни теми, како што изминува сезонава се’ поактуелна тема станува токму оваа – прашањето кој ќе го замени Џејкоб.

Но, дали е ова вистинското прашање кое треба ние како фанови да си го поставуваме? Сценаристите на LOST никогаш не се доволно предвидливи, па затоа јас би им препорачал на сите да се откажат од идејата дека или Џек или Харли би ја презеле улогата на новиот Џејкоб на Островот.

Можеби ќе ме направите луд, но сметам дека ова прашање е поврзано со уште една голема мистерија од оваа сезона – алтернативниот универзум. Ликовите од другиот универзум се однесуваат чудно во ситуации кои на некој начин соодвествуваат или потсетуваат на некои настани/сегменти од претстојувањето на Островот и ова е со намера оставено во епизодите.

Ќе прашате, како е возможно она прашање од погоре да има било каква допирна точка со алтернативниот универзум?! Многу просто – во другиов универзум злото е уништено со самото уништување на Островот, а во овој сегашниот злото како никогаш претходно во историјата, му се спротивставува смртно на човештвото (со евентуалното напуштање на Островот од страна на Флок)! Мислам дека до крајот на серијата неколку од преостанатите кандидати ќе се жртвуваат себеси за да го спасат човештвото со тоа што ќе го уништат Островот, а аналогно на тоа и самото зло… и притоа, правејќи го ова ќе успеат да ги поправат сите грешки во својот живот, нормално, преку новосоздадената реалност! Изгледа возможно, нели?! Или не… :)

Црната Карпа и невремето
Сега официјално кажувам: Чудовиштето има директна поврзаност со онаа бура и цунами кое го зафати Островот и со многу други претходни невремиња кои биле проследени со неговата активност!

Досега во повеќе наврати имав забележано како времето чудесно се менува во рок од неколку минути од убаво во намуртено (врнежливо и најчесто со грмежи) токму во миговите кога Чудовиштето е разбеснето. Таков беше и првиот контакт на Чудовиштето со преживеаните кога умре Пилотот, така беше и кога Џулиет и Кејт бегаа од него, и во Sundown, кога се случи трагедијата во Храмот итн итн итн… Едноставно речено не е возможно толку многу коинциденции да има во LOST…

Инаку, гледам дека некои се прашуваат зошто бродот „падна“ на Островот за време на ноќ, а во финалето на петтата сезона разговорот помеѓу Флок и Џејкоб во кој се гледаше Црната Карпа беше воден среде бел ден. Има две можности тука:
1) Или од невремето многу брзо паднала ноќта; или пак
2) Тој брод во далечината бил некој друг (што не верувам дека е точно).

Постои и трета причина која вели дека се работи за продукциска грешка, што не велам дека не е точно, но како и да е, ова и не ме мачи мене премногу… индиферентен сум тотално во оваа ситуација…

Уште неколку работи вредни за спомнување
Навистина се изнапишував овојпат, ама епизодава си заслужи ваков третман! Еве работи кои сметам дека мора да бидат спомнати во овој пост:

- Нестор Карбонел заслужува номинација за ЕМИ со својот перформанс во “Ab Aeterno”!
- Џејкоб и Флок можеби не ни знаевме дека постојат до пред една сезона, ама во последнава епизода имав чувство дека двајцата се уствари главните ликови во целата серија. Ако во “The Incident” бев загрижен вакво нешто дека ќе се случи, сега едвај ја чекам наредната епизода во која двајцата ќе бидат повторно главни! Ова е позитивен знак за крајот на Lost, без сомнение.
- Ни се потврдија сомневањата дека Алперт никогаш не ни бил главен „фраер“. Ова се надѕираше уште од крајот на минатата сезона кога тој се изгуби во новонастанатата криза, а уште повеќе при почетокот на оваа…
- Магнус Хансо и официјално беше спомнат за првпат во серијава. Кул!
- Да не заборавам да спомнам исто така дека Изабел беше алка без која епизодава немаше да стане тоа што е. На моменти од епизодава заборавив дали ги гледам нив двајца, или пак Дезмонд и Пени…

И многу, многу други незаборавни моменти ни понуди оваа епизода, но ако продолжам со пишување нема да завршам ни до задутре! Останете ми поздравени и уживајте во викендот…

NAMASTE.

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)