четврток, 11 март 2010 г.

Dr. Linus (теории)

Веќе полека но сигурно длабоко навлегуваме во златната средина на последната шеста сезона. Многу нешта се’ уште остануваат мистерија, но многу нешта од друга страна, парцијално или целосно ни беа одговорени во изминативе седум епизоди.

Оваа шеста сезона, барем според брзината со која се одвива дејството, многу потсетува на првата. Започна прилично интензивно, со двочасовната премиера (LA X), но оттогаш па до овој миг, нештата се одвиваат доста поспоро. За среќа, и покрај ова, барем јас можам лесно да забележам како се’ повеќе и повеќе, со секоја нова епизода, навлегуваме подлабоко во митологијата на Изгубени. Речиси и да немаше епизода во која не беше спомнат Џејкоб и барем делумно подобјаснета неговата улога на Островот. За неговиот противник воопшто и да не збориме. Очигледно е дека како што изминува времево се’ повеќе ќе се разжештува ситуацијава. Крајот на Dr. Linus го наговестува токму ова…

Told ya!
Кога пред точно една недела ја напишав теоријата дека Човекот во црно/Флок има свои „пратеници“, или поточно речено, помошници надвор од Островот, не ни помислував дека теоријата ќе се претвори во јаве за помалку од седум дена!

Мислам дека сега е прилично јасно кој навистина е господинот Чарлс Видмор, со оглед на тоа што неговата подморница ќе го одмине Островот и ќе продолжи да врви „по планот“ (зборови на Чарлс, не мои!). Моја претпоставка, за која верувам дека сум 99% во право, е дека подморницата ќе пристигне на бреговите на Хидра Островот, каде што Чарлс ќе се истовари и ќе му се придружи на Флок во војната против кандидатите на Џејкоб, кои во моментов претставуваат закана број еден за „кутриот“ затвореник на Џејкоб.

Дури сега добива смисла она кое Видмор му го кажа на Лок, пред точно една сезона во “The Life and Death of Jeremy Bentham”. „Ќе има војна… и ако не завршиш на Островот, погрешната страна ќе победи во истата“ ќе каже таткото на Пени во седмата епизода од петтата сезона. Земајќи во обзир дека своето протерување од Островот, Чарлс го прифати со тешко срце и со желба за одмазда кон Бен, но и кон сите кои го „предадоа“, не верувам дека тој би сакал да му помогне на Џејкоб. Всушност, зошто и би сакал, кога истиот тој Џејкоб е причина за се’ лошо што му се има случено во изминатите 15тина години по напуштањето на Островот… Згора на тоа, сите ние тука знаеме што на крајот испадна со самото тело на Лок. Имајте ја покрај сево ова, во предвид, и мојата теорија дека летот 815 бил пресвртница во војната помеѓу Џејкоб и непријателот. Ако се сеќавате, пред две сезони (во Cabin Fever), Метју Абадон беше оној кој го натера Џон да отиде во Австралија, од каде што ќе заврши на „проклетиот“ авион. Совпаѓање?!

Она што за мене се’ уште останува каква-таква енигма е прашањето, зошто Видмор до сега не можеше да стапне на Островот?! Зошто мораше да испраќа тимови на научници, војници и луѓе со рандом моќи (кхм.. Мајлс…) без притоа да им се придружи на истите? Дали можеби го чекаше погодниот момент за да стапне повторно на Островот, или пак сето ова има врска со смртта на Џејкоб? Не би било првпат моќите на Џејкоб да делуваат магично врз некој човек. Ричард поради него е бесмртен, па не би се изненадил ако една клетва на Џејкоб делува контрапропорционално од еден негов допир. Можеби, во еден миг од минатото, Чарлс направил толку голема грешка што заслужил да добие целосна забрана за повторно стапнување на Островот од страна на Џејкоб. Како што реков, многу нешта досега во Lost ги препишуваме на моќите на Џејкоб, па ова не би било никакво изненадување. Што се однесува до тоа, која била оваа грешка, во овој миг се’ што можеме е да претпоставуваме напразно… Се надевам дека одговор на ова прашање ќе добиеме во наредниве епизоди.

Кога веќе одговорив на ова, останува уште да се начне и последната мистерија поврзана со Чарлс. Која е неговата мисија сега?! Не верувам дека доаѓа на Хидра Островот само за да ги однесе оние луѓе назад во цивилизација. Не, премногу гнев е собран во него и веројатно е дека едвај чека истиот да си го исфрли врз сите оние кои досега му создаваа неволји… Едно нешто е кристално јасно: што и да му е замислата, не ќе да е нешто добро. Дури сега гледаме дека Флок уште од поодамна имал разработен план за завладување на Островот… Видмор е само еден од пионите во истиот, исто како што е и Соер, и Саид… и сите, буквално сите, ги користи ветувајќи им нешто за кое сум сигурен дека никогаш нема да го добијат!

Џејкоб нема да дозволи да умреме
Еден од моментите кои нема никогаш да го заборавам беше интеракцијата помеѓу Ричард и Џек во Црната Карпа при едни невообичаени услови, со динамит спремен за експлодирање за само неколку секунди. Немаше да бидам изненаден ако Алперт умреше во оваа епизода. За среќа, сценаристите се веројатно свесни дека ако направат такво нешто голем дел од фановите ќе бидат и те како при крајот со нервите, посебно после три години „мрцварење“ со мистеријата за Алперт. :)

Како што повеќето од нас се посомневаа, Џек сега е навистина главниот адут на Џејкоб. Типот успеа да му ја врати вербата на Алперт во Островот и Џејкоб со еден препознатлив за него мадафа*ерски потег. Dr Linus е една од оние епизоди во кои сите ние имаме можност да сфатиме до каде целава серија забегала. Ако до пред неколку години, потегов кој го направи Џек, ќе очекувавме да го направи САМО и САМО Лок, сега тоа речиси и да не беше никакво изненадување. Или барем јас не бев изненаден, бидејќи со слични нешта Џек се прослави и минатата сезона. На другата страна од Островот пак, оној кој некогаш беше синоним за тиранин (Бен), се претвора во заложник на своите поранешни гревови и најпосле си ја признава грешката… за првпат притоа правејќи и правилен чекор, враќајќи се со Илана во поранешниот камп на преживеаните…

Нештото кое ги поврзува овие два одделни настани се моментите на агонија и сомнение со кои се соочуваат и Бен и Алперт. И додека првиот веќе си ја сфаќа лека-полека својата грешка, вториов дури сега започнува да ја прави истата. Но, очигледно е дека секогаш во близина, за среќа, се наоѓа и некој човек на Џејкоб кој успева да ја исправи ситуацијата. Нормално, се’ уште се сомневаме и во намерите на Џејкоб и на неговиот непријател, па тоа „за среќа“ од погоре, земете си го со резерва… ;)

Сите се пиуни – одговор на LOST?
Штом доживеавме и човек… суштество де, од типот на Ричард Алперт да изрази толкав сомнеж спрема самата мисија на Џејкоб, не можам, а да не помислам на оваа гореспомената можност. Дали се сите овие ликови на Островот пиунчиња во играта на Џејкоб и Флок?

Навистина е тешко да се познае која е насоката која ја зазема Lost. Едноставно со секоја нова епизода, се случува некое ново нешто кое ви ги руши сите претходни теории. Така, во случајот со оваа, настанот со Ричард ме натера сериозно да се замислам дали Џејкоб е навистина ДОБАР како што пишував во изминатите неколку теории. Впрочем, сега почнувам да се сомневам дека воопшто и треба да бараме некаква рамнотежа помеѓу добрата и лошата сила на Островот. Во онаа лошата неминовно е да се смести Флок, бидејќи како што сите знаеме човек кој се претвора во Чудовиште не може да биде добар човек. (оф топик: интересна метафора, ако го сфатиме чудовиштето во преносно значење, во која можеби ќе се препознаат одредени персони на светов…)

Тука е пак Џејкоб кој со својата смиреност им гази на нервите на сите. Уште повеќе нервира тоа што е индиферентен кон целата состојба и покрај тоа што би било нормално ако биде барем малку подзагрижен за развојот на настаните. Но, не. Семоќниот Џејкоб го остава Џек да се ѕвери во океанот, го остава Ричард без одговори, го остава Бен беспомошно да ја гледа смртта на својата ќерка, а очекува сите овие луѓе да работат за неговите цели, односно за најважното нешто – заштита на Островот од злото (претставено секако преку Флок).

Можеби и навистина сум во право со моите претходни претпоставки дека Џејкоб е добрата сила, а Флок лошата, што и не би било никакво изненадување сега, но расплетот на серијата сметам дека ќе биде во тоа што дел од преживеаните на крајот ќе им се спротивстават и на двете групи. Џек е далеку од она што беше Лок во првите четири сезони, па нема слепо да верува во она што му го проповедаат другите. Тој ќе бара одговор на секоја нејаснотија, било да го чини тоа ќотек или не…

Островот ПОСТОЕЛ и во „алтернативниот“ универзум!
Благодариме Роџер Линус за првата корисна информација која доаѓа директно од Вашите усни! Потребни беа само три сезони да доживееме вакво нешто. Честитки. :)

Шала на страна, тоа беше доста чудна сцена. Не знам од каде да почнам. Дали од фактот дека Роџер и Бен во овој универзум функционираат беспрекорно добро заедно, односно го имаат оној посакуван татко-син однос за кој малиот Линус сонуваше во „нормалниот“ универзум, или пак од тоа дека и двајцата биле, но по некое време го напуштиле Островот.

За жал, и после оваа епизода не можеме со сигурност да потврдиме дека оваа реалност е флеш-форвард на онаа од Островот. Сепак, можеме да ја отфрлиме теоријата за „алтернативен“ универзум. Не само поради тоа што идејата не би соодвествувала со IQ-то на сценаристите, туку и поради тоа што многу нешта во овој универзум се доста слични (односно, се повторуваат) со нештата од нормалниот. Ако не забележавте, сличноста со нормалниот универзум во Dr. Linus се криеше во боците со кислород. Во третата сезона, Бен го отру својот татко со гас, а сега со помош на гасните боци тој го одржува Роџер во живот. Смешно и иронично во исто време. :) Исто така, не треба да се заборави и односот помеѓу Бен и Алекс. Толку добро овие двајца никогаш не функционираа на Островот.

Можеби, сепак, се работи за паралелен универзум, во кој дел од душите на нормалните преживеани е вгнездена, и кој е создаден по Инцидентот и детонирањето на Jughead, како што и напишав во првите теории за сезоната…? Во секој случај, останува отворена дилемата од претходно. Дилема која сигурно е дека ќе се развлекува до крајот на серијата.

Потврда дека Ричард бил на Црната Карпа
За сите неверни Томовци…

Ричард си ги гледа синџирите...

It’s good to see you out of those chains!

Илана – ќерката на Џејкоб
Имавме повеќе хинтови дека Илана е нешто повеќе од само помошник на Џејкоб досега. Најголемиот секако беше нејзината целосна растревоженост кога ја виде пепелта на некогашниот лидер на Островот. За жал, одамна бев исспојлиран дека таа е ќерката на Џејкоб, па се одлучив да ги игнорирам сите овие моменти, иако, ако ова не беше случајот, веднаш веројатно ќе ми паднеше сомнително тоа што таа е толку повредена од смртта на овој човек… Како и да е, сега сето ова е веќе поминато, па спремен сум за нови интриги со ликот на Илана. Дознавме дека е ќерка на Џејкоб, знаеме, според нејзиниот исказ во епизодава дека е дојдена за да помогне да се создаде нов заштитник на Островот кој ќе ја игра улогата на Џејкоб, единствено што не знаеме е што била и што правела во минатото… иако, овој дел од нејзината историја можеби и воопшто не е важен?!…

Со нови теории и нови сили, повторно идната недела! До тогаш, поздрав, и се’ најубаво. ;)

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)