После неколкуте епизоди во кои дејството се одвиваше со брзина на желка, Recon, барем за мене беше едно убаво освежување. Можеби оваа епизода не понуди ниту еден одговор на одамна поставените мистерии, но затоа пак преку неколкуте интеракции на ликовите со Флок имавме можност да дознаеме еден мал, но верувам, сосема доволен сегмент од митологијата на шоуто.
Фановите продолжуваат да се жалат на фактот дека Lost не е тоа што беше до лани. Јас искрено не гледам никаква разлика. Ако некој од вас очекуваше дека до осмата епизода ќе ги знае сите одговори на мистериите, тогаш истиот тој го жалам што воопшто и помислил на оваа опција. Ќе повторам уште еднаш, по некој 108-ми пат годинава: ако до овој миг ги дознаевме сите одговори, немаше да имаме причина да ја гледаме серијата.
Затоа, смирете се. Има уште осум епизоди и вкупно десет часови останати за гледање. Лани имавме епизоди во кои буквално одговорите ни доаѓаа на секои две минути. Оваа година завршницата ќе биде таква. Не бадијала кажале дека „крајот го краси делото, а трпението – човекот.“
Паралелен универзум?…
Станува се поинтересно и поинтересно во оној, другиот универзум. Не само што се чини дека повторно, сите оние исти ликови кои ги гледавме на Островот, се конектирани помеѓу себе и тука, во „новиот“ универзум, туку станува јасно оти истите овие ликови ги мачат идентичните проблемите кои ги мачеа и пред паѓањето на летот 815 на Островот.
Покрај Соер, за кој во оваа епизода дознавме дека и во оваа реалност го доживеал грозоморното убиство на својата мајка, и самоубиството на својот татко, тука се и претходните примери со Џек, кој беше, како и секогаш, потиштен од односот на неговиот татко кон него, потоа Лок, кој го тиштеше фактот оти ќе остане во количка засекогаш, па Саид, кој мораше да се соочи со гревовите на своето минато и во свој стил – да ги повтори истите и секако Бен, кој успеа најпосле да издвојува победа над своето его (нешто кое не успеа да го стори на Островот, па како резултат на тоа Алекс умре). А, и да, не го убива ни својот татко Роџер, кој пак се чини дека одржува добри односи со сина си!…
Она што е веројатно различно во оваа реалност е тоа што ликовите не ги повторуваат истите грешки од минатата (претпоставувам дека е мината?!). Соер овој пат нема да го убие вистинскиот Соер, Џек не бил причината за заминувањето на Кристијан во Австралија и најпосле неговата смрт предизвикана од депресија, Саид сфаќа дека не ја заслужува Надја, па продолжува со својот живот без неа, за Бен веќе спомнав, а Кејт пак… веројатно е гонета од полицијата навистина „по грешка“, како што таа и кажа на Клер. Со еден збор, сите ликови во оваа паралелна реалност успеваат да им одолеат на грешките кои, веројатно потсвесно, знаат дека би ги чинеле многу, многу повеќе.
Инаку, не знам дали забележавте, ама во овој универзум таткото на Мајлс (легендарниот Пјер Ченг, типот од ориентационите видеа) е жив и работи во музејот на Шарлот! Во меѓувреме, Шарлот тврди дека оди на егзотични места и дека нејзината работа наликува на Индијана Џонс… што значи дека таа и во оваа реалност е во потрага по Островот, иако верувам дека е свесна оти истиот е потопен под вода.
Па, дали е овој универзум, алтернативен, паралелен или пак флеш во иднината на она што го гледаме на Островот?! Прашањето останува отворено, но мислам дека имаме се’ појасна и појасна слика со секоја измината епизода.
Патем, во една рандом сцена од “Recon” имавме можност да го забележиме Лиам, братот на Чарли, кој побара помош од Соер. Продолжението на оваа сцена би требало да го очекуваме наскоро. Нешто ми кажува дека Чарли ќе одигра огромна улога во овој универзум…
За инает!
Најмногу се нервирам кога една перфектно изработена теорија ќе падне во вода, само затоа што сценаристите се доволно паметни за да не бидат премногу предвидливи. Таков е случајот со мојата теорија за Видмор, како пратеник на Флок, која ми беше уништена комплетно по “Recon”. Зошто, Ооо ти премудри Џејкобе, зошто?!
Ова, сега пак, отвара нови прашања за дискусија. Зошто, по ѓаволите, Флок му кажа на Бен да оди на Хидра Островот, каде што „тој го очекува заедно со останатите“?! Можеби токму ова е првиот хинт на сценаристите дека намерите на Човекот во црно се далеку од добри? Можеби на Флок му одговара Бен да биде „елиминиран“ по брза постапка, што секако би се случило уште во моментот кога тој ќе стапне близу подморницата на својот најомразен непријател Чарлс. Или тоа, или пак онаа сцена од минатата епизода, ќе се случи дури по битката (ако бидне нешто од битката!) помеѓу Видмор и Флок, па е некаков вид на „претскажување“ од страна на сценаристите…
Од друга страна, Флок е премудар за да не знае што точно се има случено на помалиот Остров. Тој е свесен за камбекот на Видмор, но глуми изненаден пред Соер. Истото важи и за Видмор. Чарлс е премногу искусен за да биде измамен туку-така од Соера. Неговиот израз на лицето во моментот кога Џејмс ќе му го каже планот за убивање на Флок е повеќе од ироничен. Но, и двајцата, и Видмор и Флок, во оваа ситуација едноставно си играат со ликовите затоа што СИ МОЖАТ и затоа што се’ уште чекаат инструкции од своите „надредени“ (Видмор од својот BOSS, а Флок си чека само погоден миг). Барем за мене е кристално јасно дека Флок нема намера да стапне на другиот Остров од две причини:
1) Нештото кое Видмор го крие во „тајната соба“ може да значи и смртна опасност за него; и
2) Безбедносните огради кои ја одземаат „силата“ на Чудовиштето.
Што се однесува пак до Видмор, сега, кога веќе ни е откриено дека не работи за Флок, веќе не ни имам некоја посебна теорија разработено за неговите цели. Претпоставувам дека тука во игра повторно влегува уште одамна споменатиот „трет играч“ во војната. Мора да се признае дека нештата се прилично замрсени на Островот. Џејкоб бара наследник, Флок бара „спас“ (за ова повеќе во наредната теорија), а сега Чарлс Видмор, од некоја причина, бара начин за да го убие непријателот на Џејкоб. Интересно. Многу интересно!
I thought we were leaving
Простете што цело време зборам контра Флок, веројатно до сега веќе и сум ви здосадил, ама едноставно не можам и не можам да го прифатам фактот дека сите се заслепени од неговите ветувања толку многу, што никој досега не се ни обидел да му се спротивстави. Се до оваа епизода!
Соер за првпат јавно, на некој начин, го искажа револтот кон ветувањата на Човекот во црно и тоа храбро и без влакна на јазикот пред сите присутни го праша „кога поточно ќе си заминат тие од Островот, како што и самиот тој им вети?!“… Како што веќе знаете, следното нешто кое го прави Флок е повлекување во внатрешноста во џунглата заедно со Џејмс, каде што ќе поразговараат насамо.
Флок при овој разговор повторно тврди дека Другите воделе нерационална битка против него. Демек – кутриот тој, може да се претвора во Чудовиште, но не може да го напушти Островот кога и да присака. Не, јас уште еднаш се извинувам длабоко што досега во сите теории наоѓав маани во плановите на Флок, но едноставно типот (ако воопшто и е тип) е премногу проѕирен за мене и сметам дека се’ што досега им има кажано на преживеаните, се еден куп непромислени лаги, кои откако ќе излезат на виделина… ќе биде тешко него. Една од последиците на тие лаги, наскоро, верувам дека ќе биде свртувањето на Клер против својот „пријател“. Се надевам дека ќе биде доволно паметна за да ги сфати прва вистинските намери на Флок. После шокот со Кејт, мислам дека ќе се запраша уште колку невистини и кажал Флок во текот на сите овие години…
Инаку, ако добро ја пратевте епизодата, ќе забележевте како Флок целосно го „владее“ ликот на Клер. Чудовиштето по се изгледа знае многу добро да ги искористи недостатоците на луѓето околу себе. Всушност, тоа е и картата на која игра Човекот во црно. На тој начин ја „поткупил“ Клер, на тој начин го поткупи Саид (ветувајќи му ја Надја), на тој начин и Соер (ветувајќи му спас), па и сите останати преживеани и домородци… На него ни малку не му е гајле за нивните чувства. Важна му е единствено победата, па за каква и да ја подразбира истата… (можеби победа = протерување/убивање на сите луѓе на Островот?!)
Мајката на Флок
Сепак, колку и да е Флок нечувствителен во однос на сите кои го опкружуваат, во истата мера е и чувствителен кога зборува за својата мака. Ова можевме да го забележиме во неговиот разговор со Кејт, кога и’ откри на неа, а со тоа и на сите нас пред малите екрани, дека многу одамна, уште пред да „изгледа така како што изгледа“, имал можност да дознае што значи во животот да се има „луда мајка“, каква што е сега Клер.
Овој дел од епизодата ја враќа во „мода“ одамнешната теорија дека Џејкоб и Флок, се браќа родени и зачнати од исти родители и кои постојано играат според некои правила во својата т.н. војна. Дали е ова точно? Никој од нас не може да тврди, но, ако ништо барем, добивме конечно потврда дека овој „човек“ кој сега го има „позајмено“ телото на Лок, беше истиот оној кој го видовме во воведната сцена од финалето на петтата сезона, The Incident…
Саид? Ало?!
Никогаш го немаме видено во вакво издание. Никогаш и нема да го видиме, веројатно. Што и да се случува со Саид, не е в ред. Можеби сега е свесен најпосле дека направил фатална грешка?!
Моментот кој мене ме запрепасти беше кога тој не се помрдна ни со прст откако Клер и се нафрли на Кејт. Тоа воопшто не личеше на него. Во обична ситуација, Саид за помал дел од секундата би се кренал на нозе и би ја „расшамарал“ (во најдобар случај!) Клер. Но не, сега не само што не мрдна со прст, туку се чини дека воопшто и не му беше гајле дали некој ќе загине при оваа сплетка…
Секако, вака изгледаше на прв поглед. Но, всушност, нели помислувате дека би било уште побанално Саид да и „скокне“ на својата сонародничка Клер?! Досега заклучивме дека и двајцата се оживеани на ист начин, со помош на мистериозната Островска „црна сила“, па ако ова на крајот испадне навистина точно, тогаш повеќе од јасно е зошто Саид ништо не стори за да и помогне на Кејт… Којзнае, можеби двајца кои се завладеани од темната страна, никогаш не смеат и НЕ МОЖАТ да си сторат лошо еден на друг?!…
Дали Видмор бил свесен за Аџира летот 316?
Дефинитивно да! Исто како што Џејкоб знаеше што ќе се случи со овој лет, така и Видмор, преку својата поранешна жена Елоиз, сигурно дека го знаел истото нешто.
И не само што знаел, туку и поставил дел од своите луѓе во истиот. Претпоставувам дека еден од нив беше и Цезар, кој лани немилосрдно беше застрелан од Бен со сачмарка во стомакот. Покрај ова, сигурен сум дека дел од луѓето кои сега се со него во бродот, биле и на Островот пред тој да пристигне, токму преку падот на погоре споменатиот авион.
Што се однесува до оние мртви тела најдени од страна на Соер во џунглата… сега-засега, сметам дека истите се умртвени од страната на Човекот во црно. Видмор нема причина да го лаже Џејмс, или барем така мислам, па затоа ќе му верувам(е) дека не го има ниту тој, ниту пак неговите луѓе, сторено тоа грозоморно дело.
После ова, се запрашувам дали Чарлс е до толку моќен што на крајот ќе испадне единствена конкретна закана за уништување на моќта на Флок?! Епизодава остава отворен простор и за трет играч во оваа војна, но и за враќање на Џејкоб во подобра позиција, доколку секако, Чарлс се одлучил да му помогне на својот некогашен лидер (што би било банално од негова страна, бидејќи веројатно Џејкоб бил кривецот за неговото протерување од Островот…)
Што и да испадне од оваа каша, осеќам дека ќе биде нешто многу „јако“!
[…] It’s sad really… how little YOU actually know! […]
Чувствувајте се слободни за да искоментирате во врска со теорииве и за се’ што ќе ви падне на памет во врска со изминатата епизода!…

0 коментари:
Објави коментар