Отсекогаш било познато дека најголемиот проблем со кој „Изгубени“ се соочувале, и ќе се соочуваат до самиот свој крај, се своите најголеми фанови. Традицијата продолжува и оваа година. Како автор на овој блог, ќе бидам директен и едноставно ќе откријам дека нервите ми се при крајот.
Мислам, аман? Дали некој од вас досега имал можност да изгледа филм, серија, шпанска сапуница? Знаете ли што е карактеристично за сите три? Сите имаат почеток, средина и КРАЈ. Но, во филмот крајот и сите одговори на Вашите прашања ќе ги добиете во последните 10 минути, евентуално 20, во сапуниците Родриго и Есперанса ќе завршат заедно дури во последната епизода и покрај тоа што се сакаат во сите изминати 108, а во обичните серии (знаете, оние кои не се наречени LOST!), зависно од содржината разврската повторно си доаѓа буквално на самиот крај, во последната епизода, минута, секунда…
Не можам да ја видам разликата помеѓу Изгубени и сета останата филмска индустрија. Ќе кажете, „има премногу прашања“, ама дали е тоа навистина така? Во моментов се чини дека единственото прашање е чија страна ќе победи во војната! А, во меѓувреме, по изминативе 6 епизоди веќе може да се каже дека имаме прилично добра идеја за тоа која била „работата“ на Џејкоб. Всушност, ако добро подразмислиме, единствената голема мистерија во моментов е која е вистинската цел на Човекот во црно и која е поентата на алтернативната реалност! Како и да е, не оспорувам дека во воздухот се’ уште лебдат споредните прашања од типот на тоа колку е стар Алперт, што се случило точно со Клер (иако, ова може да се каже дека ни е веќе објаснето на некој начин)…
Со тешко срце можам слободно да заклучам дека голем дел од Вас, за жал, се заслепени од идејата дека секоја нова епизода во шестата сезона треба да има најмалку по 10 одговори во себе. Веројатно 42% (искрено се надевам дека се помалку!) од посетителите повеќе би сакале да изгледаат цела епизода во која Бен ги чита одговорите на сите ваши (би рекол безначајни!) мистерии, притоа правејќи мала пауза со одење до WC, отколку било што друго. Тука се секако и сите оние кои велат дека шестава сезона е неинтересна и и фали возбуда. Најчесто оние кои ги пишуваат овие глупости завршуваат со фамозниот цитат дека „серијата никогаш нема да го врати препознатливиот сјај од првата сезона“. Ги повикувам истите да започнат да ја гледаат повторно првата сезона, нели, онаа која сите ја прават „најдобра“ и „никогаш повторлива“. Имаше една епизода од оваа сезона кога главната занимација на централните ликови (Соер и Кејт) беше да се фати и убие свиња, бидејќи истата претходно му го имаше растурено кампот на Соер.
Сепак, не можат сите вкусови да се задоволат. Колку и да сакаме да се убедиме едни со други, секогаш ќе си останеме самите доследни на нашиот став. Тука веројатно лежи и зајакот кога се работи за Lost. Некои ја гледаат заради мистеријата, други заради ликовите, трети за да видат дали Ката ќе се соблече гола некогаш, четврти заради фантазијата, а мал дел од нас ја гледаат САМО и САМО за свое лично уживање – бидејќи без сомнение ова е единственото американско шоу кое заслужува да се нарече УМЕТНОСТ, токму заради палетата на (гореспоменатите) нешта кои ги содржи.
П.С. И покрај се’ ова што е напишано погоре – да знаете дека ве сакам сите што ме посетувате! Ова е само мој личен став за најновата болест во Лостосферата, наречена МрчТрч БезГраникус.
П.П.С. Сликата нема никаква допирна точка со постот. Но, мора да признаете дека одмара очи!

0 коментари:
Објави коментар