После неколку „развлечени“ епизоди, Sundown беше голем шок за поголемиот дел од фановите, посебно последните 10 минути во кои толку многу нешта се беа случиле што веројатно на многумина им „прснаа“ главите од размислување.
Интересното кај оваа епизода е што за разлика од повеќето досегашни, се истакнува со тоа што кај еден дел од фановите измамува најдобри критики и оценки, а кај другиот дел – сосема спротивното. Барем на овој блог, таква е ситуацијата. За едни ова е најдобрата епизода за сезонава по премиерата, а за други, ова е доказ дека сценаристите немаат појма што прават (им оставам простор на оние кои го зборат ова до идната недела да се изнапишуваат вицови од овој тип!
Што се однесува до мене, јас сепак би ја сместил некаде во златната средина. Дека епизодава беше далеку подобра од What Kate Does, беше, не оспорувам, но дали пак можеме да кажеме дека беше подобра од минатата, која барем за мене ќе остане запаметена по својата оригиналност, колку и да беше истата без акција?!…
Што и да кажам, ќе згрешам, па затоа го завршувам воведниов дел од постов со легендарната изрека – за вкусовите не се дискутира! (иако, како за инает, сите ние упорно го правиме баш тоа!…)
You think you know me…
Иако за повеќето од Вас од поголема важност се настаните кои се случија при крајот на епизодата, сепак мислам дека е уште поважно да се напомене главната идеја на Sundown. Уште еднаш, по N-ти пат во оваа серија, ние имавме можност да навлеземе длабоко во црната психа на (веројатно) најмафијашкиот лик на Островот – Саид.
Било да ја гледате епизодава од аспект на алтернативната реалност, или пак од оној – на „вистинската“ реалност, ќе дојдете до заклучок оти Саид, како карактер, е едноставно проколнат да биде засекогаш ЛОШ и НЕПОПРАВЛИВ. Во неговата природа е да убива луѓе, било да има валидна или пак никаква причина за да го стори тоа. Токму ова е причината поради која неговото регрутирање во тимот на Човекот во црно не беше воопшто тешка. Слично како и во случајот со Соер, животот му имаше досега дадено милион прилики за да се откаже засекогаш од добриот и најпосле да скршне кон лошиот пат, оној кон кој во моментов Саид „јуриша“ следејќи го Флок.
Многумина од Вас земајќи го примерот на Саид ќе се запрашаат која е тогаш поентата што тој всушност и бил избран за кандидат од страна на Џејкоб. Одговорот е едноставен – сите ние си го бираме својот пат. А, како што веќе знаете, многу е потежок правилниот, отколку погрешниот. Саид падна уште при првата „сопка“ на Флок и со тоа ја направи својата конечна одлука на која страна припаѓа.
И Мајлс е изгубен?
Се’ до оваа епизода мислев дека Мајлс ја знае точната причина за оживувањето на Саид. Дали после оној разговор кој тој го имаше со својот другар, се излажав, или пак Мајлс од некои свои (оправдани?) причини не ни откри (ни на нас, но ниту на Саид!) ништо поважно, верувам дека ќе дознаеме многу набрзо. Сега-засега, ако веруваме во зборовите на Мајлс, можеме само да кажеме дека и официјално начинот на кој Саид оживеа не беше во никој случај поврзан со водата во Храмот.
Патем, јас веќе почнувам и да се запрашувам дали оваа вода се’ уште има моќ да оздравува луѓе?! Се чини дека смртта на Џејкоб на некој начин влијаела лековитоста на водата да се намали, или во екстремен случај, да исчезне. Зошто си го поставувам ова прашање? Па, веројатно причина број еден е смртта на Доген токму во оваа вода. Имајќи в предвид дека претходно луѓето биле излекувани во базенот преку нивното т.н. давење во истиот (како што беше случајот со Саид во премиерата), претпоставувам дека не би било логично истата вода да биде причина и за смртни случаи како резултат на давење, но и за лекување на смртни рани, исто така како резултат на нечие „давење“…
Падот на летот 815 – пресврт во војната?
Кога веќе ја начнавме темата за лековитата вода во Храмот, би било сосема логично да напишеме збор-два и за чудесното оживување на Саид.
Не знам за Вас, но имам некое чудно чувство оти сето ова што се случува со него всушност ни објаснува голем дел од поранешните, но и сегашни (актуелни) мистерии. Зборовите на Доген во оваа епизода беа кристално јасни. Џејкоб има свој смртен непријател кој со години бил затворен на Островот, но сега, по неговата смрт, има можност за првпат во својот живот да завладее со истиот. Прашањето кое сега лебди во етерот е: која била причината за Флок да ја добие сегашната моќ?
Сите ние многу добро знаеме дека Другите биле потполно свесни за оваа темна сила на Островот. Токму од таа причина тие своите тела не ги закопуваат под земја, туку ги горат во морето. (како што видовме во третата сезона) Тоа е, по се изгледа, единствениот начин за Човекот во црно, т.е. Чудовиштето да не навлезе во истите, или пак евентуално да ги „загади“ нивните души, со тоа што навидум отпрво ќе ги оживее и спаси, но подоцна ќе ги искористи, со помош на темнината која е навлезена во нив, за свои цели (нешто кое се случува со Клер и Саид).
Земајќи ги во обзир сите овие гореспоменати нешта, сметам дека е логично да се претпостави дека падот на летот 815 значело и комплетна пресвртница во распоредот на силите на Островот. Преживеаните при своето прво запознавање со Островот, воопшто и не беа свесни дека се наоѓаат на некое специфично, уникатно место, па од таа причина не се брзаа да ги изгорат телата на луѓето кои не го преживеаја падот на авионот. Можеби најжешкото прашање кое би се актуализирало, доколку оваа теорија испадне на крајот точна, би било кој од преживеаните уште од почетокот бил инфициран и предодреден за да стане пиун на Човекот во црно..?!
Ова е доста комплексна тема за размислување, мора да се признае. Но, со оглед на тоа што сите мои пишанки се базирани на лични впечатоци, ќе ја оставам темава за подоцна, доколку истата некогаш и биде „зачната“ во серијата. Како и да е, што повеќе размислувам за теоријава, така се повеќе ми доаѓа в глава оти падот на летот 815 воопшто и не бил испланиран од Џејкоб, туку од агентите на Флок, кои биле свесни дека ова е единствен начин за војната да биде добиена! И да, ќе прашате од каде знам дека Флок има свои луѓе надвор од Островот. Па, штом Џејкоб има, зошто да не и он!?
Бен не е мртов!
Да беше, ќе видевме во самата епизода. Затоа, ќе ве замолам да престанете да спамирате на оваа тема! Очигледно е дека на типот му биле потребни 2-3 минути за да се соземе од шокот кој му го предизвика Саид. Веројатно уште в првата минута од идната епизода ќе видиме каде се скрил од Чудовиштето. Бен е стар лисец, сигурно ги знае тајните простории во Храмот…
Топчето
А за тоа дека сценаристите се’ уште не ја изгубиле својата инспирација потврда е топчето. Токму во мигот кога Доген ја имаше контролата во тепачката со Саид и токму кога сите бевме свесни дека следниот потег ќе му биде конечен, веројатно смртоносен за Ирачанецот, падна топчето од маса. И, оп! Нешто го сопре Доген во својата идеја.
Помислата на својот син е една од двете причини. Втората е дека ова е знак од Џејкоб, дека не смее да убие/повреди ниту еден од неговите кандидати. Самиот израз на лицето на Доген откако сфаќа што за малце ќе направел е доволен показател за ова што го говорам (т.е. пишувам!).
Зошто баш Доген?
Веројатно најзбунувачкиот дел од епизодава беше откритието дека Доген е оној кој го чувал Храмот од евентуален напад на Чудовиштето. Зошто баш Доген?!
Премногу е очигледно дека она што тој го кажа непосредно пред својата смрт, мора да има некаква врска со моќта која тој ја поседува, и која очигледно била пресудна за Флок да не се осмели да стапне во Храмот. Првата помисла ми беше дека и Доген, своевремено, а можеби и до самата своја смрт, бил еден од кандидатите на Џејкоб. Оваа теорија ми пропадна во моментот кога сфатив дека и Кејт исто така е еден од кандидатите, па сепак не е дека одигра некаква улога во спречувањето на нападот на Чудовиштето… истото важи и за Саид, но тој е посебна приказна бидејќи за време на нападот на Флок, тој веќе ја имаше одбрано „погрешната“ страна.
Па, зошто баш Доген?! Убаво прашање на кое апсолутно немам никаква теорија! Единствените опции кои засега ми текнуваат се следниве:
1) Џејкоб, со тоа што го допрел при својата прва средба, и му ветил експресно лекување на неговиот син, под услов притоа тој да дојде на Островот, го обдарил со некаква посебна моќ. Запомнете – ова не би бил првиот ваков случај во Lost, слично нешто Џејкоб направил и со Ричард Алперт. (или барем така самиот тој изјави во Follow the Leader минатата сезона!)
2) Можеби, и покрај се’, кандидатите сепак беа пресудни за масовниот раскол во Храмот. Ние знаеме дека Другите по секоја цена се обидуваа да ги спречат Џек и компанија да го напуштаат Храмот, објаснувајќи дека „било премногу опасно надвор“. Можеби поентата била да има што повеќе кандидати присутни на ова место, бидејќи на тој начин Чудовиштето не би било во можност да навлезе и да ги разбие останатите „обични“ смртници, во случај Доген да умре…?!
За овој дел од епизодата очекувам да има дискусија помеѓу фановите… очигледно е дека засега сите опции се отворени. Во секој случај… RIP Dogen!!!
Кој ќе и’ го зададе првиот удар на армијата на Флок?!
Со крајот на Sundown, очигледно стана дека темнината најпосле успеа да надвладее на Островот. Флок, барем досега е прилично успешен во својата намера и се чини дека во моментов нема кој да го сопре.
ОСВЕН… Џек и Харли! Претпоставувам дека овие двајца сега се главната и можеби единствена солуција на Џејкоб. Заедно во ист кош со нив, секако треба да го сместиме и Ричард Алперт. Можеби досега тој не се покажа во најсјајно светло, но верувам дека наскоро ќе го дознаеме неговото вистинско лице и неговата вистинска улога во војната на Островот.
Да не заборавам уште само да спомнам дека епизодава, барем за мене, ги отстрани сите возможни сомненија за тоа кој е добра, а кој лоша фигура во оваа војна. Се надевам дека ист е случајот и кај Вас. Мислам, до кога ќе треба да го гледаме Чудовиштето како убива луѓе, за да го сфатите ова?!
Пред да се одјавам уште само ова!
Имав неколку свои теории во врска со појавувањето на Кими и Омар во алтернативната реалност, но сите тие ми пропаднаа кога вчера несакајќи го видов овој пост кај DarkUFO. Бидејќи мразам да крадам туѓи идеи и притоа да ги присвојувам за свои, се одлучив дека најфер би било доколку оваа теорија ја поделам со Вас напоменувајќи дека не е моја. Па, еве за што се работи.
Во онаа сцена кога Саид се соочува со бандата на Кими, кај Кими може да се забележи часовник. Еве слика.


Се претпоставува (бидејќи Џин беше заробен од Кими исто како и Саид) дека се работи за истиот часовник кој Џин требаше да му го однесе на пријателот на таткото на Сан. Дали всушност пријателот кој требало да го добие часовникот бил Чарлс Видмор?! (ова под претпоставка дека Чарлс е жив и надвор од Островот во алтернативната реалност, и дека Кими работи за него како и во „нормалната“ реалност!)…
Што мислите Вие за ова?!
Па, поздрав до сите, и со нови теории повторно се враќаме в идниот петок. Ви посакувам пријатен викенд!!!

0 коментари:
Објави коментар