петок, 15 јануари 2010 г.

Нешта кои мора да ги запази секој фан на LOST

Па, полека но сигурно се наближуваме да почетокот на последната сезона на Изгубени. За само 19 денови ова време ќе имаме можност да водиме бесконечни дискусии поврзани со првите два, од последните осумнаесет часови кои не очекуваат во идниве 5 месеци.

Рандом слика, онака, за инает!

Рандом слика, онака, за инает!

Со оглед на тоа што LOST е серија која е различна од сите други кои досега сме имале можност да ги видиме, и сите други кои ЌЕ имаме можност да ги видиме, фановите ќе мора да имаат на ум неколку правила кои ќе треба да ги применуваат и во обичниот живот.

  1. Првото правило за секој фан на Изгубени е СТРИКТНО барање на дечко/девојка која исто како и него/неа гледа LOST и ја обожува серијата повеќе од самиот себе. Вториот дел, секако, важи само за најголемите фанови. Само доколку се придржувате до ова правило ќе си овозможите мирен и убав живот. Инаку, кажете ми: како би издржале доколку вашата девојка/дечко гледа 1001 Ноќ наместо репризи од Lost секој втор ден!? Идеалната девојка/дечко за фан на LOST би бил/а онаа/оној која ќе ви ги разбере шалите поврзани со серијата, ќе ги знае на памет бројките и ќе сака да ве однесе на Хаваите за да ја доживеете романсата на идентичен начин како што Соер и Кејт ја доживеаја во третата сезона.
  2. Второто правило гласи: сите ваши другари кои не гледаат LOST, или ја „кудат“ серијата – стануваат ваши НЕПРИЈАТЕЛИ! Тоа значи дека кога се спријателувате, било во живо, или на Фејсбук, најпрвин треба да го поставите најочигледното прашање: дали гледаш Lost? Ако одговорот е негативен, ги прекинувате сите комуникации со човекот X. Ако е позитивен, со среќа – само што си најдовте ново изгубено другарче!
  3. Ако во определен период од својот живот евентуално станете претседател (или премиер) на Македонија, запомнете дека ќе треба да воведете нова рекламна кампања за подучување на децата и сето население во Македонија: LOST е сила, LOST е моќ! 24/7/365 Изгубени! ОСТВАРУВАМЕ!!!
  4. Повторувајте по мене: секој граѓанин кој не следи/следел Изгубени – е граѓанин од втор ред.
  5. Ова се подразбира, но сепак во случај да сте заборавиле да ве потсетам: доколку играте лото никако НЕ ги играјте бројките на Харли. Освен ако не сакате да станете проколнат милионер. :)
  6. Шестото правило важи за сите идни бизнисмени. Кога ќе станете доволно богат/а, ќе биде потребно да отворите телевизиски канал на кој 24/7 ќе ги пуштате епизодите од LOST, пропратени со мала пет-минутна пауза за релаксација со песните од саундтракот изработен од Мајкл Гјачино. Во рок од 2 недели телевизијата ќе ги надмине сите рекорди на гледаност и ќе ја згмечи конкуренцијата. Погодувате? Како резултат на ова повторно Lost ќе бидат во шема, а сапуниците како 1001 Ноќ во канта! Не треба да напоменувам дека и вие ќе си го наполните доволно добро вашиот џеб. Ќе имате приходи дури и за вашите внуци!
  7. Ако пак планирате да си играте руски рулет со животот и да си ја испробате својата кариера како писател во Македонија, книгата со која ќе сакате да се вивнете во писателските води СЕКАКО дека ќе мора да биде посветена на Lost. Еве еден предлог од мене за наслов: „Пет начини за да се направи серија приближно добра како Lost“. На овој начин не ги навредувате фановите на Изгубени (го забележувате тоа приближно во насловот, зарем не), туку дури и ги „намамувате“ да ви го купат продуктот, колку и да е истиот можеби „неподнослив“ за читање.
  8. И најважното нешто кое мора да го запамети секој фан на LOST: што се случило, се случило! Ако преку постов си пронајдовте некои грешки кои сте ги направиле во животов, не обидувајте се да ги промените со активирање на атомска бомба во близина на некое место со огромна електромагнетичка сила! Сепак, се’ уште имате време да ги промените работите на помирен начин: со вербална комуникација нормално. Иако признавам дека би било покул доколку се обидете да го направите тоа што го направија Изгубените во финалето на петтата сезона!

Ете, сега знаете како фан на Lost како треба да си го организирате и живеете животот. Искрено, немам појма од каде ми дојде инспирацијата за овој пост, но добредојдена е.

П.С. Гајле ми е дали ви се допаднал постов или не, јас важно си се „испукав“. :D

Поздрав до сите и ви посакувам убав (распуштен) викенд!

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)