Еве го третиот од четирите ветени специјални Новогодишни и пост-Новогодишни (или поточно речено Божиќни!) постови, како и што беше ветено уште пред некои десетина денови. Во четвртокот, на само неколку часови пред новата година и всушност новата деценија, Ви кажав (пишав де!) дека денеска ве очекува поинаков пост од минатите два. За што се работи верувам дека досега успеавте да погодите, а и да не беше тоа случајот насловот Ви кажа се’… Па, да започнеме!
Најдобра алтернативно реална игра за изминатата деценија – Find 815
Ова е прилично досадна категорија за македонските фанови на Lost бидејќи во истата единствен кандидат беше горенаведената игра. Зошто? Од едноставна причина што следбеникот на ARG-то Find 815 доживеа тотален крах, додека пак претходникот (The Lost Experience) и покрај тоа што насекаде низ Лостосферата има добиено позитивни критики, сепак за повеќето од нас не беше достапен како резултат на тоа што оваа игра се одвиваше на цел месец пред почетокот на првата сезона на Lost на А1…
Најдобар саундтрак за изминатата деценија – Season 1 OST
Отсекогаш сум тврдел, и засекогаш ќе тврдам. Изгубени не би биле истата серија без маестрално искомпонираната музика на Мајкл Гјачино. Неговите композиции кои ги слушаме во позадина не ретко можат да предизвикаат и неочекуван наплив на емоции кај публиката, посебно во моменти кога некој од нашите омилени Изгубенковци е во опасност. Верувам дека не постои фан на Lost кој не ја знае мегапопуларната “Life and Death” пуштана при секој погреб или смртен случај во серијата, или пак химната на финалето на четвртата сезона “There’s No Place Like Home“… Како што и самите продуценти ќе изјават, музиката на Гјачино и дава душа на серијата и истата претставува незаменлива алка од Изгубени… Што се однесува до изборот – ја избрав првата сезона само поради Life and Death и химната на Лок – “Locke’d Out Again” која ми буди премногу спомени при секое слушање…
Најдобра мистерија од изминатата деценија – Што е Островот?
Ова е дефинитивно категоријата за која можеме дури и до идната Нова година да се расправаме. Јас веќе не сум ни сигурен дали самата екипа која стои зад Изгубени е свесна колку мистерии постојат во серијата. За фановите одамна се знае дека до толку навлегуваат во детали што речиси и да не постои момент кој не го сметаат за т.н. мистерија… Како и да е, колку и да се на број мистериите, не верувам дека постои некоја потешка за одгатнување од горенаведената. Во оној момент кога ќе дознаеме што навистина е Островот – е тогаш ќе можеме со сигурност да кажеме дека Дарлтон имале се испланирано уште од почетокот. До тогаш, ќе мора да се задоволиме со дневните дози теории достапни насекаде низ Лостосферата…
Најдобар заплет (cliffhanger) за изминатата деценија – Лок е во ковчегот
Имаше многу работи кои му недостигаа на финалето на четвртата сезона (една од нив е можеби и напнатоста/возбудата која едноставно ја немаше воопшто во првите четириесетина минути од едноставна причина што знаевме кои точно ќе се спасат и ќе станат Oceanic 6!), но не може да се каже дека една од тие работи беше cliffhanger-от по кој сите ние ја препознаваме Lost. Чекавме цела година за да дознаеме кој се наоѓа во проклетиот ковчег и кога најпосле видовме кој е, останавме зашеметени. Сместувањето на Џон Лок во ковчегот беше потег со кој продуцентите по n-ти пат докажаа дека НИШТО нема да ги спречи во својата замисла за серијата, па дури ни публиката која и те како го обожава овој лик.
Најдобар лик за изминатата деценија – Џон Лок
И еве сме повторно на жешката и омилена моја тема – најдобар лик. Има ли категорија која може повеќе да привлече внимание и џагор од оваа?! Судејќи според моето искуство со посетителите на овој блог, како и на многу други блогови во Лостосферата – НЕ! Да, сите луѓе си имаат различни мислења, вкусови, стилови и пред се’ искуства и сето тоа на крајот резултира да се случи поделеност, понекогаш дури и сајбер-војна кога се дискутира на ова прашање. Но, колку и да е огромна таа поделеност, на крајот, секогаш мнозинството е она кое гласа претежно за Лок. Зошто? Веројатно бидејќи токму тој Лок е ОНА што повеќето од нас најчесто го поистоветуваат со Lost, а не ретко и со самите себе. Неговата верба во луѓето, надежта за подобро утре, чесноста, љубовта кон природата и хуманоста која за жал понекогаш го прави детски наивен е нешто кон кое сите, или барем поголемиот дел од човештвото се стреми да стане.
Слободно донирајте свои мислења за претходните пет дискусии. За два дена, в вторник очекувајте го последното издание, односно второто на најдобрите за изминатата деценија Која ли ќе биде најдобра сезона? Епизода? Сцена?! Очекувам Ваши прогнози!

0 коментари:
Објави коментар