Најпосле, теориите се тука! Осум месеци и 24 дена поминати од последните теории напишани за финалето на петтата сезона. Чувството е едноставно невозможно за да се опише. Тука е таа константна меланхолија која ја чувствуваме (верувам) сите кои гледаме Lost од помислата дека ова е тоа – почетокот на крајот, но тука е и таа возбуда, нетрпеливост и огромна желба за што побрзо да го видиме остатокот од серијата. Чисто се сомневам дека некој ќе успее да не истрпи нас, фановите на Изгубени, во наредниве петнаесетина недели, колку што ќе трае оваа шеста сезона. Мислам, кој нормален човек би станал во 2 часот наутро само за да изгледа премиера на едно ТВ шоу?
Ја отварам овогодинешната теориска година со мало потсетување на тоа што го напишав на „далечниот“ 3-ти август минатата година, на еден пост во кој се дискутираше за можните текови кои ќе ги добие шестата сезона, по детонирањето на бомбата од страна на Џулиет…
„На крајот само можам да кажам дека најдобра солуција би била да се случи и едното [префрлување на преживеаните во 2007 со детонирање на бомбата], и другото [безбедно слетување на Oceanic 815 на Островот]. Како? Многу едноставно! Ќе имаме две одделни реалности: едната на Островот по детонирањето на бомбата и откако Џек и компанија ќе бидат префрлени во 2007та година со што ќе се оствари коментарот на Џејкоб дека ТИЕ доаѓаат, а другата во 2004та година каде што ќе ги следиме настаните откако летот 815 ќе слета безбедно на аеродромот во Лос Анџелес. На тој начин сите ќе бидат среќни и плус, ќе има смисла сето тоа (бомбата создала две одделни реалности)…“
Иако тогаш оваа теорија изгледаше смешна и сулуда, денеска истата веќе е реалност. Токму тоа е нештото кое ја одвојува оваа серија од другите. Изгубени имаат една несовладлива техника на уништување на сите клише митови во ТВ и филмската индустрија. Она што на хартија изгледа прилично неинвентивно, сценаристите на Lost го претвораат во материјал кој не само што ќе ви го привлече вниманието, туку и ќе ве натера комплетно да си го промените ставот за едно прашање… Таков беше случајот со флешфорвардот, таков беше и со патувањето низ времето, а премиерата ја продолжи традицијата на „рушење на митови“ воведувајќи го алтернативниот временски период во кој летот 815 не паѓа на Островот!
Дали само јас се чувствувам како да им должам едно пиво на сценаристите?!
OMG, they killed Juliet!
Веројатно најдосадниот дел од премиерата беше 125-тото збогување со ликот на Џулиет. Во ред, ги почитувам сите оние фанови на Џулиет, на Соер, или пак на нивната врска која очигледно не беше судена да заврши среќно и весело, но… на мене ми беше сосема доволен трогателниот завршеток на Џулс внатре во се’ уште неизграденото окно каде што херојски го направи подвигот со детонирањето на бомбата. Не ме сфаќајте погрешно, но сметам дека на овој начин сценаристите го упропастија крајот на Џулиет како лик. Кога ќе погледнеме сега во целосната слика, нејзината смрт секако дека нема да има толкава тежина, како што ќе имаше доколку завршеше како што заврши минатогодишното финале! Сепак, можеби замислата на сценаристите била и LOST да си има свој т.н. „Кени лик“, како што е случајот во Саут Парк. Можеби таков и ќе биде крајот на серијата?! Џулиет ќе се врати во живот, па пак ќе умре и на крај сите ќе искоментираат – OMG, they killed Juliet!? YOU BASTERDS!
L O S T
Што е со двете временски димензии?! Чекај, двете ли реков?
За мене, а верувам и за повеќето фанови до емпириско значење ќе биде да се открие вистинската смисла и поврзаност помеѓу двете временски димензии. Што е тоа што ги поврзува двата универзума, едниот во кој преживеаните се на Островот, а другиот во кој Островот е под вода, додека пак преживеаните воопшто и не се преживеани – туку обични луѓе кои продолжуваат да си го живеат својот (патетичен?) живот на земјата. Покрај фактот дека во науката ПОСТОЈАТ теории дека еден човек има милиони свои копии во милиони други разни/паралелни универзуми, ништо друго не може да се каже на оваа тема. Токму затоа, верувам дека сценаристите ќе ја искористат максимално можноста да направат нешто големо од оваа ситуација. Засега, се чини дека теоријата со постојаното повторување на времето може да испадне точна. Да ве потсетам малку на коментарот на Флок (непријателот на Џејкоб) од финалето на петтата сезона…
FLOCKE: They come, they fight, they corrupt, they destroy… IT ALWAYS ENDS THE SAME
JACOB: IT ONLY ENDS ONCE. Anything that happens before that… it’s just progress.
Овој дел од разговорот е она на што ќе треба да се осврнеме во наредниве епизоди. Ако Џејкоб и Флок се појават од никаде и во обичниот свет, бидете сигурни дека она “they” се однесувало на преживеаните од летот 815. Сепак, ова нема да биде првото нешто со кое Изгубени ќе ве збунат до полудување. А, и мора да се признае дека како што изминува времето, теоријата се’ повеќе и повеќе има смисла! Па кој би знаел… можеби и разговорот кој го видовме во “The Incident” беше од сосема трет универзум, во кој преживеаните се луѓето од „Црната карпа“!?…
I’m sorry you had to see me that way
Конечно се’ има смисла! Човекот во црно СЕПАК бил Чудовиштето! Иако, кога за првпат ја видов онаа сцена во која Флок се претвора во црниот облак не бев доволно уверен дека туку-така сценаристите ќе ни откријат дека тоа Е тоа, сепак сметам дека истите не можеа да бидат поконкретни во случајов. „Извини што мораше да ме видиш таков“ е доволен доказ дека Чудовиштето има и своја човечка страна, или полу-човечка, или… хмм, како сакате наречете ја –страна!
Покрај ова откритие, јас можам со сигурност да тврдам дека индиректно Дарлтон ни го открија и прашањето кое одамна си го поставуваме – што по ѓаволите беше тоа што Лок и Бен го видоа во 20-тата епизода од третата сезона – The Man Behind the Curtain!? Земајќи во обзир дека Чудовиштето не може (иако не знам зошто?) да ја „совлада“ (премине) пепелта, фигурата која побара помош од Лок и чие око беше видено е всушност вистинското лице на Флок, вечниот непријател на Џејкоб!!! Мојата единствена теорија како тој успеал да пребегне од кабината е дека го искористил телото на таткото на Џек за да го стори тоа. Очигледно, Другите беа свесни оти не смееја да ги оставаат телата закопани на Островот, со цел истите да не бидат искористени од Чудовиштето, но за „беља работа“ падот на летот 815 му даде доволно мртви тела за искористување на Флок, што веќе Другите, а и самиот Џејкоб не беа во можност да му се спротивстават на непријателот…
Шепотењата… повторно
Дали ги забележавте? Се појавија ТОЧНО во моментот кога преживеаните навлегоа доволно длабоко во (горниот кат од) тунелите. Ако добро се сеќавам, шепотењата ги слушнавме и на само неколку секунди пред „скенирањето“ на Бен извршено од страна на Чудовиштето и појавувањето на Фалекс (лажната Алекс или поточно речено Флок во нејзината кожа!). Овде секако дека има поврзаност, но која би била поврзаноста со подземните тунели и шепотењата кои пак ги слушнавме на површината на Островот? Како на пример во Solitary, кога Саид одеше кон засолништето на Русо!? Или пак, пред грабнувањето на Синди? Упс, бинго – Синди!!!
Можеби не се сеќавате, но на мапата на железната врата на Радзински, можеа добро да се видат тунелите на Островот, а преку истите беа поврзани речиси сите DHARMA станици. Покрај тоа, треба ли да ве потсетам дека и самата бомба беше сместена во еден од тие тунели?! Очигледно е дека на Островот постојат некаков вид на тајни тунели, слични на поранешните катакомби за време на Римското протерување на христијаните. Веројатно преку еден од тие Синди била киднапирана, а со оглед на тоа што истите најверојатно започнуваат таму некаде во областа на Храмот, не е чудно што преживеаните за брзо време беа заробени…
Дезмонд во летот 815
Можеби и најголемиот неочекуван (WTF) настан од премиерата во паралелниот/алтернативен универзум беше појавувањето на Дез на авионот. Како што веќе знаеме, многу нешта се сменети, или поточно никогаш и не се случиле во „новиот“ универзум. Харли добил на лотарија, но е најсреќниот човек на планетата, Лок го пуштиле на шетањето во Австралија, каде што останал 10 денови, Шенон не е на авионот… Сепак, има и некои работи кои си остануваат непроменети, како на пример физичката ситуација на Џон (тој е се’ уште инвалид), Кејт си останува затвореник, а и Соер според однесувањето бил и е измамник…
Земајќи ги во обзир сите коментари кои Хокинг и нејзиниот син Фарадеј лани ги дадоа во однос на улогата т.е. „специјалноста“ на Дезмонд, сметам дека неговото појавување во авионот не беше ни малку случајно. Ако на ова го додадеме и зачудениот израз на лицето на Џек веднаш по детонирањето на бомбата, кој исто така не верувам дека беше ненамерно вметнат во сцената, веднаш се насетува нешто „сомнително“ во воздухот. Да не го заборавиме притоа и ненадејниот коментар на Чарли дека „му било судено да умре“, веднаш откако Џек ќе го спаси, а подоцна и зачудувањето на Роуз и Бернард кога Шепард ќе ги праша каде отишол Дез. Не, ова се премногу случајности, а во Изгубени како што одамна знаеме ништо не е случајно!
Дел од потсвеста на Џек е очигледно свесна дека живее во паралелен универзум, а тоа е најмногу забележливо кога авионот ќе ја премине турбуленцијата за време на разговорот со Роуз, или поточно кога ќе го изговори фамозното „Успеавме“ кое, сепак, повеќе алудира на планот со бомбата, отколку на преживувањето на турбуленцијата (барем на мене така ми се чини, не знам за вас?)… Како и да е, темата беше Дезмонд, па ќе бидам директен и ќе кажам дека или тој беше некаков вид на привидение создадено од потсвеста на Џек (исто како што Дез го „сонуваше“ Фарадеј минатата сезона), или пак… некаков чуден „ремикс“ предизвикан од бришењето на минатото со детонирањето на бомбата…
Островот под вода
Сепак, најконтроверзниот би рекол дел од премиерата е оној со Островот под вода. Бидејќи бараките се изградени, а од Статуата се чини дека останала само одамна познатата нога, логично е да се помисли дека ова парче земја било неодамна потопено под вода. Она што е нелогично во ситуацијава е како вакво нешто е возможно да се случи за така кратко време (не повеќе од 30 години)? Претпоставувам дека ерупција на вулкан може да има ваков ефект кон остров. Друго логично објаснување не би знаел… Инаку, дали ја забележавте DHARMA ајкулата?
Не се секирајте, не сте единствени. Три пати ја изгледав епизодата, и ниту еднаш не го забележав логото!
Кои се луѓето во Храмот?
Се чини дека ова ќе биде централното прашање сезонава. Засега немам појма која е нивната улога. Она што можам да го заклучам е дека ова е оној дел од Другите кој никогаш не бил преоптоварен со случувањата во Островското општество, туку само со зачувување на Островските тајни на безбедно место. Претпоставувам дека Јапонскиот човек има слична, ако не и поголема репутација помеѓу Другите и Џејкоб од Ричард Алперт. Ова секако отвара и нови прашања за одговарање. Дали Другите се поделени на групи? Дали се раскарани, или пак еден дел се грижи за продолжување на животот на Островот (за тоа би бил задолжен пред се’ Ричард), а друг за сигурноста на истиот? Или пак сосема трето нешто е во прашање?!… Овде сме сите со милиони прашалници во главата…
Ричард бил на Црната карпа!
И во случај да го пропуштивте коментарот на Флок, еве едно мало потсетување.
ФЛОК: Здраво Ричард. Добро е да те видам надвор од оние синџири.
Поедноставно не може да биде… Секој што ќе се обиде да ја разбие оваа теорија или е инаетлив како магаре, или пак не сфаќа дека ова е последната сезона од Изгубени, па сценаристите не играат веќе на картата „имаме време“.
И за разлика од минатата теорија, за луѓето во храмот, оваа објаснува многу работи. Флок, веројатно изнервиран по разговорот со Џејкоб од далечното минато, го напаѓа бродот кој плови кон Островот, го убива поголемиот дел од екипажот, се додека не наиде на првата закана – а тоа е секако Џејкоб, кој успева да одбрани неколку луѓе и го назначува Алперт за нивен, лидер притоа правејќи го бесмртен. Зошто баш Ричард е прашање на време кога ќе ни биде одговорено, но претпоставувам дека има направено некаков подвиг па тоа е причината… Што се однесува до староста на Алперт, ова би го направило околу 200 години стар човек. Кога веќе ја спомнав староста, дали некој друг мисли дека е возможно во скоро време тој да почне да старее неочекувано како резултат на смртта на Џејкоб?? Не знам зошто, но отсекогаш си мислев дека вакво нешто е возможно да се случи набрзо…
Саид = Џаид?
Многу пати досега ни беше дадено до знаење дека еден лик, откако ќе умре, не е возможно да се врати назад во живот. Најкласичен училишен пример за ова е минатата сезона, кога цела година сценаристите си играа со нашите чувства, најпрвин „оживувајќи“ го Лок, а подоцна откривајќи ни дека тоа сепак не е Лок… бидејќи едноставно речено ЕДНАШ се живее и никогаш повеќе! Истото важи и за Саид.
Сепак, начинот на кој беше изведен „обредот“ на луѓето од Храмот ме буни најмногу. На Саид му беа излечени раните уште по само неколку секунди по потопувањето во водата. Се чини дека тој беше целосно реанимиран, но лидерот (Доген) не им даде дозвола на своите луѓе да го извлечат него од „светата“ водичка. Токму затоа, Лостич се прашува дали смртта негова беше предизвикана намерно и од која причина поточно!? Очигледно е дека писмото на Џејкоб испратено до своите луѓе содржело некакви инструкции, но какви и за што??? Ова се прашањата кои ќе треба (и верувам дека ќе ни бидат!) одговорени сезонава.
Сега-засега моите предвидувања се следниве:
- И покрај тоа што сите вие веќе сте запознаени со теоријата дека во Саид е навлезен духот на Џејкоб, предвидувам дека оваа теорија не е точна, нормално според горенаведениот исказ дека секој лик во Изгубени откако ќе умре е МРТОВ, и само мртов.
- Затоа, земајќи го ова во обзир, сметам дека ниту Саид, ниту пак Џејкоб е реанимиран, туку се работи за некој сосема ТРЕТ (мистериозен) лик кој веројатно е запознаен со војната која се случува на Островот. По малку ќе ви изгледа чудно моето размислување, но ајде да подразмислиме малку: сега кога Џејкоб е мртов, Флок може комотно да си замине „дома“, но од некоја чудна причина не го прави тоа. Единствениот начин за да се објасни „чудната причина“ е ако во приказната испадне од никаде некој нов непријател на Флок, или поточно речено ВИСТИНСКИОТ негов пријател, бидејќи Џејкоб се чини дека отсекогаш бил пасивен и незаинтересиран за Чудовиштето… според тоа што досега го видовме во серијата, секако.
Па, што викате, која теорија е повозможна, мојата или онаа најпредвидливата?!
Уште неколку работи вредни за спомнување…
Каде е домата на Флок и кој е Флок по ѓаволите?
Почувствував некаква чудна конекција помеѓу однесувањето на луѓето од Храмот по дознавањето дека Џејкоб е мртов и спомнувањето на „домата“ на Флок. Дали тој можеби го смета Храмот за свој дом и дали затоа се бори против Другите?… Што се однесува до вториот дел од прашањето, прилично сум сигурен дека никогаш и нема да дознаеме кој/што е Флок…
Што ќе се случи со Клер?
Ако одиме по логиката дека Кејт ја породи неа во „обичниот“ универзум, слично нешто би требало да се случи и во овој, паралелниот…
Дали Лок ќе оздрави!?
Мојата теорија вели дека Џек ќе биде тој што ќе успее да го излечи грбот на Лок и на тој начин ќе му докаже дека навистина „ништо не е непоправливо“! Ова би требало да биде еден емотивен заплет во алтернативниот универзум кој ќе предизвика клише момент во потсвеста и на двајцата… Секој кој мисли дека сум полудел од теоретизирање деновиве, откако го прочита ова, е во право. ))
Па, ова е се што имав да кажам за премиерата народе. Се надевам дека сте задоволни од моите теории и дека ќе продолжите да ги читате и понатаму! Ги очекувам Вашите коментари со нетрпение!!!
За крај, едно прашање до сите од Вас – како би ја оцениле премиерата на скалило од 1 до 10?! Потсетување дека тука можете се’ уште да гласате!

0 коментари:
Објави коментар