петок, 19 февруари 2010 г.

The Substitute (теории)

Толку беше од паниката помеѓу фановите на Изгубени! По минатонеделната неинспиративна епизода, Lost се враќа на старите патеки.

The Substitute е одлична сетап епизода која го означува (веројатно?) почетокот на крајот за голем дел од прашањата на фановите поврзани со финалето на минатата сезона, и воопшто од самиот почеток на серијата па до овој миг.

И повторно во центарот на вниманието беше Лок. Централниот лик на шоуто. Човекот кој сета своја љубов и верба во животот му ја придаде на Островот. Човекот кој беше заробен во својата исплашеност. Човекот кој умре збунето, иронично отсликувајќи го со својата смрт – животот негов.

Беше интересно да се направи директна споредба (благодарение на алтернативниот универзум) помеѓу стариот Џон Лок, и оној „новиот“… Ова се моите теории за последната епизода. Уживајте!

I’m gonna hunt you down… just because I can!
Започнуваме со можеби најмистериозниот дел од епизодата. Детето кое му се појави на Флок. Иако отпрвин си помислив дека се работи за некоја си трета сила која има за цел да ги одржува живи непишаните закони во војната помеѓу двете спротивставени сили на Островот, сепак од далеку е јасно дека се работи за Џејкоб.

Детето

ОК, ќе прашате од каде сум толку сигурен? Па, главниот хинт за ова веројатно е самиот факт што во првото појавување детето имаше РАСКРВАРЕНИ раце. Очигледно рацете не би можеле сами од себе туку-така да се направат крвави, па секако дека ова е симболично и со цел направено од страна на сценаристите. Појавувањето на малиот Џејкоб на Островот исто така може да го објасни и феноменот на појавување на визии на Островот. Со оглед на тоа што за разлика од Ричард, Соер можеше да го види Џејкоб, а Човекот во црно беше и те како изненаден од ова, претпоставувам дека Соер е еден од оние СПЕЦИЈАЛНИТЕ. Во оваа категорија ги сместувам и сите останати преживеани кои видоа безброј слични привиденија во изминатите шест сезони. Дали можеби на овој начин Џејкоб ја тестира специјалноста, то ест способноста на своите „кандидати“?!

Ричард Алперт – разочарување број еден за оваа сезона
Што се случи со бестрашниот Островјанец?!

Нешто до пред крајот на минатата сезона Ричард беше дефиниција за цврст карактер. Но, оттогаш се случија низа на настани кои ја уништија дотогашната слика која ние како фанови ја имавме за Алперт. Најпрвин оној инцидент кога Фарадеј му впери пиштол в глава, а он остана запрепастен на место, па веројатно и ќе умреше од страв доколку Елоиз не го спасеше притоа фатално ранувајќи го својот сопствен и се’ уште не-роден син… а потоа и појавувањето на новиот Џон Лок во кампот на Другите кој уште толку го стави под знак прашалник храбриот карактер на Алперт.

Дека нашата визија за Алперт била далеку од вистината уште поголем доказ се најновите четири епизоди од оваа шеста сезона. Мислам дека во моментов тој се однесува како глушец кој беспомошно бега од канџите на мачката. Така најдобро би можеле да го објасниме односот помеѓу Ричард и Флок.

Едно нешто е сосема јасно сега – Ричард Алперт НЕ е дел од она прво население кое го населувало Островот. Всушност, под знак прашалник е дали некогаш ова прво население постоело, или пак се започнало со доаѓањето на Црната Карпа (на која се наоѓал и тој секако). Земајќи ги во обзир многубројните Египетски оставштини на Островот како што се на пример Статуата, подземните тунели па дури и Храмот, би требало да имало Еѓипќани кои го населувале истиот далеку пред Алпертовото време, но којзнае! Можеби ова е една од оние работи кои сценаристите ќе остават самите да си ги заклучиме…

А, и патем, кога сум на тема Ричард – типот треба да биде среќен што остана жив по судирот со Флок во новата епизода. Ако Џејкоб не му се појавеше на својот непријател додека овие двајца се’ уште се конфронтираа, веројатно ќе требаше да се ископа уште еден нов гроб на Островот. И да, многумина од Вас досега имаа напишано коментари дека водата во Храмот има нешто да прави со не-стареењето на Ричард. После епизодава ќе морам да се согласам со Вас. Без таа вода, Ричард не би бил воопшто посебен, а верувам дека истото ќе можеме да го заклучиме и за Доген за само неколку епизоди…

Џон Лок – закопан, но се’ уште жив
Еден од оние моменти кои на мене ми оставија силен впечаток беше конфронтацијата помеѓу детето (Џејкоб) и Флок. Не, не е разговорот причина за ова, туку реакцијата која Флок ја направи по крајот на истиот. За оние кои не забележаа (ако има такви!), Флок на сиот глас се изнавика:

НЕ МИ КАЖУВАЈ ШТО НЕ МОЖАМ ДА НАПРАВАМ!!!

Ова може да се сфати на два начина:
А) Сценаристите едноставно сакале да направат еден „кул“ момент, па го вметнале цитатов во сценариото; или пак
Б) Сценаристите сакаат со ова да не предупредат дека дел од душата на Лок е се’ уште присутна, преку Флок кој веројатно при т.н. „корумпирање“ на телата на своите жртви им зема дел и од нивните поважни мемории и моменти од животот.

За мене ова под Б мора да е точно, бидејќи за секој измамник најважно е да може да ги измами на најлесен можен начин своите мети/непријатели. Како полесно би можел да го стори тоа Човекот во црно, освен ако не го искористи најслаткото оружје: верувањето!?

He’s stuck this way
Голем дел од Вас сум сигурен дека можеби и не забележаа кога Илана искоментира дека Флок нема повеќе моќ за да премине во нечие тело, или поточно дека тој е „засекогаш заробен во телото на Џон Лок“. Нешто ми вели дека палењето на колибата во финалето на минатата сезона е одговорот на прашањето зошто е ова случајот…

Ова е уште еден од оние минорни одговори кои ни беа дадени во новава епизода. Минорни, но на крајот можеби ќе испаднат и важни!…

Бројките – најпосле објаснети!
И тоа го дочекавме. Една од најголемите мистерии од првата сезона на Lost е пречкртана од листата. Иако Дарлтон многу пати досега изјавија дека најверојатно нема да добиеме одговор за ова прашање, ете, сепак се предомислија. Иако многумина од Вас нема да бидат задоволни, искреноста и сериозноста на Флок во “The Substitute” е доволна за да заклучиме дека бројките се исто како и многу работи за кои претходно сме имале многу поразлична перцепција – дело на ОЛМАЈТИ Џејкоб.

Ако не се лажам, првото појавување на овие мистериозни бројки е некаде во 70-тите години на минатиот век, во времето кога Русо и нејзината екипа патувале по Атлантикот. Се чини дека сите луѓе на Островот, на ваков или онаков начин се доведени на истиот со помошта на Џејкоб,па истото мора да важи и за Русо.

Исто така, ако се сеќавате, во првата сезона Русо прокоментира дека бројките биле главната причина што таа и нејзиниот тим завршиле на проклетиот Остров. Ова е иронично, бидејќи истото важи и за Харли кој дознавајќи ги бројките преку својот пријател Леонард Нимој (кој ги слушнал на трансмиција веројатно во истото време кога Русо и тимот се упатиле кон Островот!) ќе го започне својот долг и макотрпен пат до летот 815 со уплаќањето на фамозното лото…

Зошто Џејкоб ги искористил баш овие бројки за привлекување/повикување на луѓе на Островот е навистина добро прашање, на кое засега не би можел да одговорам, иако имам неколку мали теории во главава… но затоа пак Вие можете слободно да теоретизирате на оваа тема!

Кандидати
Интересно е што Флок при крајот на епизодата ќе искоментира дека Островот е само ОСТРОВ и ништо повеќе.

Во ред господине Флок, ќе се согласам со Вас, но само ако претходно ми одговорите како ако е ова вистина Вие можете само за миг да се претворите во Чудовиште и да убиете кого сакате?!

Но, темата ми беше, кандидати! Зошто Џејкоб би барал кандидати за својот „престол“? Дали можеби знаел дека кога-тогаш ќе му дојде крајот, или пак ние фановите не го разбравме добро Флок?… Мене пологично би ми било овој термин да се употребува за кандидат за станување за еден од Другите, а подоцна можеби и нивен лидер (како што се случи на пример со Синди и другите кои беа киднапирани).

Што се однесува до Флок, тој бара свои регрути само за да најде начин да го напушти Островот. Претпоставувам дека во наредниве епизоди ќе го искористи Соер за да навлезе со него во Храмот, или нешто слично… очигледно е дека штом Другите толку го бранат Храмот, тука е клучот за бегање од Островот!

LOST: вечна борба помеѓу доброто и злото
Ако некој досега имаше било какви сомненија, сега веќе нема потреба за такво нешто. Сцената со фрлањето на белиот камен во океанот и натежнувањето на вагата на страната на црниот ја отсликува тематиката на целата серија. Интересно е како едно исто лице, со два различни карактера, во два различни настапи од кои првиот пред цели шест години го опишуваат најголемиот телевизиски феномен од последната деценија.

Голем број од Вас го паметат оној неверојатен цитат на Џон за двете спротивставени страни во таблата од Пилот епизодата. “Two players, two sides. One is light, one is dark” ќе каже тогаш Лок.

Шест години подоцна, навидум истото лице, а фактички за 360 степени спротивно од претходно-наведеното ќе го фрли белиот камен во морето и со тоа ќе ја потврди својата надмоќност во т.н. војна.

Но LOST не е само серија за доброто и лошото.

Lost е едноставно речено перфектна комбинација на серија – драма на карактери и серија која длабоко навлегува во Библиските и античките теми… теми кои и ден-денеска претставуваат инспирација за милиони писатели низ светот. Серија која го спојува минатото (божествените сили на Островот) со сегашноста (самите главни ликови и нивната сурова претстава за светот во кој живеат). Серија која навлегува длабоко во човековата психа и ја отсликува реално.

Кој е добар? Кој е лош? Дали е Островот судбина на луѓето кои ќе завршат на истиот, или пак тие имаат право да си го изберат својот пат сами?

Ова се главните три прашања до остатокот од серијата. Три прашања кои во секои наредни теории ќе бидат чепнати барем по малку. Па затоа, не пропуштајте ги новите теории идната недела!

Поздрав до сите и Ви посакувам убав викенд!

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)