четврток, 11 февруари 2010 г.

What Kate Does (теории)

Најтешкиот дел кога ќе се случи една епизода од типот на “What Kate Does” е наоѓање инспирација за пишување на теории. После фантастичното отворање на сезоната со двочасовната премиера минатата недела, фановите, вклучувајќи се тука и самиот себеси, се соочени со првата (и се надевам последна!) Кејт-центрична епизода од шестата сезона.

Фактот дека епизодава е Кејт-центрична, секако, нема апсолутно никаква допирна точка со тоа колку истата разочара. Во изминативе сезони имавме многу примери на Кејт-ориентирани епизоди кои и покрај тоа што воглавно се фокусираа САМО на помрднување на делот од приказната посветена на ликовите, беа одлично освежување и, колку-толку, релаксирање од митолошки-тешките епизоди кои Lost знае да ги понуди “here and there” како што би рекле Американците…

Сепак, нема да ве залажувам. Колку и да ги бараме светлите страни од последната епизода, ќе остане запаметен фактот дека после премиера каква што беше LA X, ова е ШОКАНТНО слаба епизода, напишана без грам инспирација. Малку епизоди го доживеале ова што сега ќе го слушнете од мене, но… најдобриот дел од “What Kate Does” беше трејлерот прикажан по крајот на истата за идната епизода!!!

Крајот на проклетиот триаголник?
Една од претходно споменатите светли страни во епизодава беше (се надевам) солуцијата на веќе досадниот љубовен триаголник. Или четириаголник. Како и да е!

Нешто ми вели дека онаа сцена со Соер и Кејт на пристаништето ќе биде одлучна на крајот за оваа т.н. „мистерија“ во Изгубени. Се чини дека Соер е премногу повреден од ненадејното збогување со Џулиет, за да продолжи да ја бара љубовта на својот живот (да, љубовта на својот живот… ни јас не можам да поверувам дека за ова теоретизирам!). Најголемиот хинт дека романса помеѓу Кејт и Соер нема да се случи е секако цитатот на самиот (екс) измамник, кој ако не го забележавте (или поверојатно – заборавивте!) гласеше вака:

SAWYER: [to KATE] It’s not your fault she’s dead… It’s mine. She was sittin’ right there, right where you are now, tryin’ to leave this place – and I convinced her to stay. I made her stay on this island because I didn’t want to be alone. You understand that right? … But, uh… But I think some of us are meant to be alone. [Sawyer glances down at ring he's holding] I was gonna ask her to marry me.

Ако мене ме прашате, ова е дефинитивно цитат кој сценаристите го имаат со намера ставено. Веројатно, замислата им е на крај никој со никој да не заврши. Тоа и би било најдоброто решение во сета оваа каша со триаголников. Соер и Кејт како пар би биле нелогични по случката со Џулиет, а Кејт и Џек се премногу различни и „ФЕЈК“ за да функционираат заедно…

Инаку, интересно е што Џек некаде на почетокот на епизодата се обиде да ја бакне Кејт, а таа итро го напушти „теренот“ пред да биде предоцна. Кармата е чудна работа, а Кејт?! :)

Who do you care about?
Токму така. Џин добива 10 поени за ова прашање поставено кон Кејт!

Иако в епизодава сценаристите убаво се потрудиле да се соживееме со ликот на вечната бегалка, тоа тешко им тргна при рака… Претпоставувам дека главната задача на “What Kate Does” беше да ни ја прикаже добрата душа на Кејт и покрај фактот дека таа е барана од полицијата за убиство направено со промисла. Типично клише кое ни беше понудено и во сите останати Кејт-центрични епизоди!

Мојата теорија гласи вака: Кејт дојде на Островот само поради Соер. Се’ друго е замачкување на очи. Не е потребно многу размислување за да сфатите оти делот со мисијата наречена „пронаоѓање и спасување на Клер затоа што чувстувам вина на совест“ е секундарната цел во умот на Кејт. Впрочем, да беше така, она ќе тргнеше да ја трага Клер на Островот попрво, а не Соер, зарем не?!

После сево ова време – болеста е вистинска?!
Можеби најинтригантниот дел од епизодава беше тестирањето на Саид и подоцнежното откритие на Доген дека во него е вгнездена некаква чудесна си „темнина“. Имајќи в предвид дека единствениот лек според Другите е убивање на личноста која е заразена со ваквата т.н. болест, претпоставувам и чувствувам дека ова нешто е поврзано директно со главниот непријател на Џејкоб – Човекот во црно или поточно Чудовиштето!

Мал флешбек до минатото – првото спомнување на „болеста“ како поим во Lost беше во „далечната“ прва сезона. Многу фанови не ја сфатија сериозно Русо со нејзините предупредувања, што е доста логично ако се има во предвид нејзината (тогашна) психичка состојба. Кога пак минатата сезона видовме точно што се случило со францускиот тим, сите си помисливме дека Даниел не можела да си го објасни Чудовиштето на друг начин, па го нарекла болест/инфекција. Е, токму тука започнува интересниот дел од мојата теорија. Што ако Русо била во право цело ова време!?

Кога веќе се навраќам на настани од минатото, потребно е да ви спомнам и за чудесното исчезнување на раната кај Лок предизвикана од Бен под бубрегот, во финалето на третата сезона (Through the Looking Glass). Пред да се случи оздравувањето на Џон, се појави никој друг, туку Волт, кој во тоа време беше далеку од Островот!

Сега, слично магично заздравување (да не речам: оживување!) се случува и со Саид. И, која ли е поврзаноста тука, ќе прашате. Па, ако би се обложувал, дефинитивно би се обложил на Флок!!! Претпоставувам дека единствен начин за Чудовиштето да навлезе во нечие тело е претходно да го „корумпира“ духот кој е вгнезден во истото. Како се случува ова, не знам, но очигледно има некаква поврзаност со експресно лечење на тешки рани по телото. На тој начин по се изгледа и се случува постепено, но ефикасно завладување на телото кое е „загадено“.

Ова објаснува многу работи, вклучувајќи го дури и начинот на кој Флок успева да заземе нечиј облик. Веројатно најпрвин треба во персоната X да навлезе гореспоменатата „темнина“ па дури потоа Флок да ја зеде ситуацијата во свои раце. Или барем јас така мислам. Останува да видиме во остатокот од сезонава дали сум бил во право или не…

Бонус теориичка: водата во Храмот може и да беше заматена од духот на Флок! Веројатно, смртта на Џејкоб значела дека веќе Храмот не е безбеден. Токму затоа и Другите испофрлија пепел, за заштита од Чудовиштето. По се изгледа – задоцнија…

Бонус теориичка број 2: дали и DHARMA била свесна за постоењето на болеста? Ако се сеќавате, Дезмонд земаше инекции против ова нешто во втората сезона!!! Дури и ги прашуваше преживеаните за бројка на „заразени луѓе“ од истата. Ако ова е навистина точно, тогаш дефинитивно болеста = Чудовиштето. (Иницијативата свесно ја изградила сонарната ограда, а за работниците кои не биле во DHARMA селото изработила посебна вакцина/инекција)

Итан надвор од Островот?
Дали е ова првиот „хинт“ за потонувањето на Островот? Од тоа што го знаеме од минатата сезона, Итан го напуштил Островот за време на евакуацијата на DHARMA како претпазливост од можноста да се случи инцидент (кој и се случува потоа) како бебе на подморницата заедно со неговата мајка Ејми. Па, дали ова значи дека во оваа сегашност, Островот потонал при случката со Инцидентот?!

Инаку, во алтернативната (паралелна?) реалност Итан се’ уште го има презимето на својот татко (Гадспид), што значи дека Ејми сигурно била во врска со него пред заминувањето од Островот (ако такво нешто и се случило во оваа реалност..?).

Многу прашања, но премалку материјал за теоретизирање. Да се надеваме дека како што ќе изминува времето ќе ја пронајдеме поврзаноста помеѓу двата временски периода…

Мајлс? Anyone?
До мене е, или Мајлс е навистина сомничав во врска со Саид?! Се чини дека уште откако тој „умре“, имаше нешто во погледот на Мајлс што вриштеше „тревога, тревога!“. Прашањата кои му ги поставуваше на Саид во последнава епизода уште повеќе ја разгоруваат темава.

Очигледно Мајлс е единствениот кој знае што точно се случува со Саид. И да, судејќи од застрашувачкиот поглед кој го имаше во премиерата по неговата „смрт“, ќе да е нешто прилично тешко и невообичаено за сфаќање…

Клер – новата Русо
Стапици, летачки камења, дивјачки поглед и изглед. Сето ова се синоними за Русо. А, по крајот на “What Kate Does”, се чини дека станаа синоними и за Клер!

Но, што значи сето ова? Ние веќе знаеме дека таа е „инфицирана“ со истата болест како и Саид. Истовремено, знаеме и дека последен пат ја видовме во колибата на Џејкоб, при крајот на четвртата сезона заедно со нејзиниот мртов татко Кристијан Шепард. Продуцентите во 108 наврати изјавија дека мртвите ликови во LOST се мртви засекогаш, така што претпоставувам дека Кристијан бил првото тело кое Флок го окупирал… што пак значи дека Клер е сега припадник на темната страна во војната на Островот – онаа завладеана од злото, или како што би рекол Доген – „темнината“.

Всушност, тоа е се’ што можеше да се заклучи по крајот на третата епизода. Или барем јас така мислам. Ако Вие имате дополнителни теории во врска со Клер, слободно напишете ги!

Со нови теории се враќаме повторно идната недела.

До тогаш – ве поздравувам со трејлерот за наредната епизода!

0 коментари:

Објави коментар

Google Translate

You can now translate this blog in just one simple step: - Choose your native language from the list, only if it's available in the box. If not, you can always choose English. Everyone knows English, right? ;)